Прејди на содржината

Збигњев Херберт

Од Википедија — слободната енциклопедија

Збигњев Херберт (полски: Zbigniew Herbert; Лавов, 29 октомври 1924Варшава, 28 јули 1998) — полски поет.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Херберт е роден во Лавов, а потекнува од англиско-полско-ерменско семејство кое во периодот до 1940 година било во состојба да му обезбеди удобен живот и солидно образование, вклучувајќи го и класичното образование кое подоцна било многу застапено во неговото творештво. По Втората светска војна, тој го напуштил Лавов и, верен на семејната традиција, во Краков почнал да студира економија и право, но по својата желба студирал на ликовната академија, како и историја на уметноста и философија. Подоцна, студиите ги продолжил во Варшава и во Торуњ. За време на студиите во Краков имал прилика да ги слуша предавањата на големите професори Кшижановски, Ингарден, Конпочињски, а во Торуњ го слушал Хенрик Елзенберг, кој го учел да живее во согласност со природата и разумот (атараксија). Покрај грчкиот и латинскиот, Херберт го изучувал и сите поголеми европски јазици со цел да ја чита книжевноста која го интересирала. Меѓутоа, без оглед на завршените студии и познавањето на повеќе јазици, бидејќи не бил член на комунистичката партија, не можел да најде пристојна работа, така што се занимавал со публицистика и со ликовна критика.[1] Херберт многу патувал, особено посетувајќи ги: Грција, Холандија, САД, Југославија, Италија, Франција, Англија, Италија и Германија при што во староста патувал и како автостопер. За време на бројните патувања, често носел блок во кој со пенкало или со перо ги цртал пејзажите и митските јунаци. Земјите кои ги посетувал ги запознавал низ библиотеките, музеи, малите народни ресторани, кафеаните и евтините хотели при што често контактирал со обичните луѓе. Пред крајот на животот, сериозно се разболел поради што бил принуден трајно да се врати во Полска. Умрел во 1998 година, во својот стан во Варшава, а 2000 година била прогласена за меѓународна година на Херберт.[2]

Творештво

[уреди | уреди извор]

На почетокот, Херберт се занимавал со публицистика и со ликовна критика, објавувајќи најчесто во краковското католичко списание „Општ неделник“, користејќи бројни псевдоними. Како писател, дебитирал со поетска проза, а потоа и со поезија. На почетокот, своите песни ги објавувал во книжевните списанија.[1]

На сцената дебитирал во 1956 година, со збирката „Зрак светлина“ (Struna światła) во која го искажал своето искуство од Втората светска војна, која ја нарекол тројанска. Постепено, тој започнал да ја користи старогрчката митологија, а како свој заштитник го избрал Аполон. На тој начин, од своите песни ги исфрлил автобиографските црти, карактеристични за другите полски поети од неговата генерација, и го конструирал реторското и иронично поетско Јас.[3] Уште со своите први збирки („Хермес, куче и ѕвезда“ (Hermes, pies i gwiazda, 1957), „Студија на предмет“ (Studium przedmiotu, 1961) стекнал голема поддршка од критиката и углед на еден од најважните современи полски поети. Неговиот развоен пат се движел од поезијата на Чеслав Милош и Мјечислав Јаструн, но не му била далечна ниту линијата на Тадеуш Ружевич. Сепак, почитувајќи ги овие корени, Херберт за брзо време го пронашол својот поетски пат. Во неговата поезија се поврзани реминисценциите од класичната и од полската култура и историја со современата проблематика, а во сето тоа има благороден хумор помешан со скептицизмот на интелектуалецот кој бил сведок на најголемата катастрофа во човековата историја. Од неговата поезија зрачи сугестивна топлина која интимно се пренесува на секој читател. Веројатно, како резултат на таквата непосредност, Херберт стекнал широка популарност кај полските интелектуалци, а неговиот углед уште повеќе се зголемил по објавувањето на есеистичкото дело од областа на ликовната уметност, „Варварин во градината“.[4]

Најважни негови поетски збирки се: „Студија на предметот“ (1961), „Натпис“ (Napis, 1969), „Избрани песни“ (Wiersze zebrane, 1971, 1982), „Господинот Когито“ (Pan Cogito, 1974), „Рапорт од Градот под опсада и други песни“ (Raport za oblężonego miasta i inne wiersze, 1983), „18 песни“ (18 wirszy, 1983), „Елегија за заминувањето“ (Elegia na odejście, 1989), „Ровиго“ (Rovigo, 1992), „Епилогот на бурата“ (Epilog burzy, 1998), (89 wierszy, 1989), „Собрани песни“ (Wiersze wybrane, 2004) итн. Пресудна година во творештвото на Херберт била 1974, кога во неговата поезија се појавил ликот на господинот Когито, кој останал застапен и во подоцнежните негови поетски збирки. Покрај поезија, тој пишувал и радио-драми и драми, од кои најпозната е „Пештерата на филозофот“ во која како главен јунак се појавува Сократ, додека Хомер е главен лик во неговата најпозната радио-драма, „Реконструкција на поетот“. Грчката култура била тема и во многу есеи на Херберт, особено во книгите: „Лавиринт над морето“, „Кралот на мравите“, „Варварин во градината“ и „Мртва природа со ѓем“. Особено голема популарност стекнал со книгата „Варварин во градината“, преведена на околу 40 јазици, со големи тиражи.[5]

Херберт бил добитник на бројни награди и стипендии, како: наградата на Фондацијата Кошќелски, наградата на Фондацијата А. Јужиковски, Internationaler Nikolaus Lenau Preis, Хердеровата награда, Петраркината награда, Наградата на Солидарноста, меѓународната книжевна награда на Велшкиот совет на уметноста, наградата на Унгарската фондација на кнезот Габор Бетлем, наградата „Бруно Шулц“, наградата „јан Парандовски“ на Полскиот ПЕН-клуб, Ерусалимската награда, наградата Виленција, наградата „Т. С. Елиот“, наградата на градот Минстер итн.[6]

Заедничка одлика на целокупното творештво на Херберт е специфичниот Езоповски јазик кој го користел за да ја избегне цензурата. Притоа, тој го критикувал системот со голема ерудиција и хумор или, како што вели критичарот Јацек Лукасјевич: „Во песните на Збигњев Херберт го среќаваме лирскиот јунак кој се разликува од поетот“, зашто едниот е критичар на стварноста, а другиот е филозоф стоик кој спокојно анализира. Благодарение на својот бескомпромисен став, уште на почетокот од 1990-ите, Херберт го напуштил Сојузот на полските писатели, а потоа и ПЕН-клубот, иако тоа имале големи последици врз неговата материјална положба.[7]

  1. 1,0 1,1 „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 281.
  2. „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 283-284.
  3. „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 282.
  4. Savremena poljska poezija. Beograd: Nolit, 1964, стр. 213-214.
  5. „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 282-283.
  6. „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 283.
  7. „Napomena priređivača“, во: Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 281-282.