Вештачки елемент
Вештачки елемент — хемиски елемент кој не се среќава природно на Земјата, туку може да се добие само по вештачки пат. Досега се пронајдени 24 вештачки елементи, и имаат атомски броеви од 95 до 118. Сите се нестабилни, со полураспади од 15,6 милиони години до неколку стотини микросекунди.
Седум други се првпат добиени по вештачки пат, но подоцна се пронајдени и во природата (како примеси); таквов е плутониумот, познат по употребата во енергетиката и војувањето.
Својства
[уреди | уреди извор]Вештачките елементи се радиоактивни и набргу се распаѓаат во полесни елементи, имајќи полураспад кој е толку краток во однос на староста на Земјата (4,6 милијарди години), што секој ваков атом што постоел при нејзиниот настанок е одамна распаднат. Атоми на вештачките елементи се јавуваат во Земјата само како последица од атомски бомби или опити со јадрени реактори или забрзувачи на честички, по пат на јадрено соединување или неутронско впивање.[1]
Атомската маса на природните елементи се заснова на просечната застапеност на нивните изотопи во Земјината кора и атмосфера. Кај вештачките елементи, изотопот зависи од начинот на добивање, па затоа бесмислено е да се говори за природна застапеност. Затоа, кај вештачките елементи во загради се наведува атомскиот број, кој претставува вкупниот број на нуклеони (протони и неутрони) и е најстабилниот изотоп т.е. со најдолг полураспад.
Историја
[уреди | уреди извор]Првиот елемент откриен по вештачки пат е технециумот, чие постоење е конечно потврдено во 1936 г. Со ова е пополнета празнина во периодниот систем; фактот што не постојат стабилни изотопи на овој елемент го објаснува неговто отсуство во природата (како и празнината). Најдолговечниот изотоп (Tc-98) има полураспад од 4,2 милиони години, па затоа денес нема технециумски атоми преостанати од настанокот на Земјата. Во Земјината кора се присутни крајно мали примеси од овој елемент, и тоа како спонтан производ од цепењето на ураниум-238 или со неутронски зафат во молибденските руди. Сепак, овој елемент е природно застапен во ѕвездите наречени црвени џинови.
Првиот откриен вештачки елемент е кириумот, добиен во 1944 г. од Глен Сиборг, Ралф Џејмс и Алберт Гиорсо со бомбардирање на плутониум со алфа-честички. Набргу се откриени и америциумот, берклиумот и калифорниумот. Ајнштајниумот и фермиумот се откриени од научна екипа под водство на Алберт Гиросо во 1952 г. при изучувањето на радиоактивниот отпад од првата водородна бомба. Екипата ги открила изотопите ајнштајниум-253 (полураспад од 20,5 дена)[2] и фермиум-255, (полураспад од 20 часа)[3].
Подоцна се откриени менделевиумот[4], нобелиумот и лоренциумот. Во екот на Студената војна, СССР и САД независно ги откриле радерфордиумот и дубниумот.
Сите елементи со атомски броеви над 99 немаат никаква примена и служат само за научно истражување поради крајно краткиот полураспад.
Список на вештачки елементи
[уреди | уреди извор]Следниве елементи не се среќаваат во природата на Земјата. Сите од нив се поураноумски елементи и имаат атомски број од барем 95.
Елемент | Симбол | Атом. бр. | Првпат добиен |
---|---|---|---|
америциум | Am | 95 | 1944 |
кириум | Cm | 96 | 1944 |
берклиум | Bk | 97 | 1949 |
калифорниум | Cf | 98 | 1950 |
ајнштајниум | Es | 99 | 1952 |
фермиум | Fm | 100 | 1952 |
менделевиум | Md | 101 | 1955 |
нобелиум | No | 102 | 1966 |
лоренциум | Lr | 103 | 1971 |
радерфордиум | Rf | 104 | 1966 (СССР), 1969 (САД) * |
дубниум | Db | 105 | 1968 (СССР), 1970 (САД) * |
сиборгиум | Sg | 106 | 1974 |
бор | Bh | 107 | 1981 |
хасиум | Hs | 108 | 1984 |
мајтнериум | Mt | 109 | 1982 |
дармштатиум | Ds | 110 | 1994 |
рендгениум | Rg | 111 | 1994 |
копернициум | Cn | 112 | 1996 |
нихониум | Nh | 113 | 2004 |
флеровиум | Fl | 114 | 2004 |
московиум | Mc | 115 | 2010 |
ливермориум | Lv | 116 | 2004 |
тенесин | Ts | 117 | 2010 |
оганесон | Og | 118 | 2006 |
* Независно откриени.[5] |
Природни, но обично вештачки добивани елементи
[уреди | уреди извор]Сите елементи со атомски броеви од 1 до 94 се среќаваат во природата барем како примеси, но следниве вообичаено се добиваат по вештачки пат. Со исклучок на полониумот, франциумот, актиниумот и протактиниумот, сите се откриени во вештачка постапка пред да се откријат во природата.
Елемент | Симбол | Атом. бр. | Откриен |
---|---|---|---|
технециум | Tc | 43 | 1936 |
прометиум | Pm | 61 | 1945 |
полониум | Po | 84 | 1898 |
астат | At | 85 | 1940 |
франциум | Fr | 87 | 1939 |
актиниум | Ac | 89 | 1902 |
протактиниум | Pa | 91 | 1913 |
нептуниум | Np | 93 | 1940 |
плутониум | Pu | 94 | 1940 |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „synthetic elements“. Encyclopedia2.thefreedictionary.com. Посетено на 23 May 2017.
- ↑ „einsteinium (Es) - chemical element“. Britannica.com. Посетено на 23 May 2017.
- ↑ „It's Elemental - The Element Fermium“. Education.jlab.org. Посетено на 23 May 2017.
- ↑ „mendelevium (Md) - chemical element“. Britannica.com. Посетено на 23 May 2017.
- ↑ Институт в Дубне стал четвёртым в мире по количеству открытых изотопов