Бизум
Бизум | |
Општинското собрание на Бизум | |
Управа | |
Земја | Германија |
---|---|
Покраина | Шлезвиг-Холштајн |
Округ | Дитмаршен |
Месна заед. | Бизум-Веселбурен |
Градоначалник | Мајк Швартау |
Основни податоци | |
Површина | 8,27 км2 |
Надм. височина | 2 м |
Население | 4.970 (31 декември 2022)[1] |
- Густина | 601 жит/км2 |
Други информации | |
Часовен појас | CET/CEST (UTC+1/+2) |
Рег. табл. | HEI |
Пошт. бр. | 25757–25761 |
Повик. бр. | 04834 |
Портал | www.buesum.de |
Местоположба на Бизум во рамките на округот Дитмаршен | |
Координати | 54°08′N 8°51′E / 54.133° СГШ; 8.850° ИГД |
Бизум (германски: Büsum) — општина и приморско одморалиште во округот Дитмаршен, во сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн, Германија. Се наоѓа на брегот на Северното Море , околу 18 километри југозападно од Хајде.
Општината претставува административно седиште на општинската заедница Бизум-Веселбурен.
Историја и географија
[уреди | уреди извор]Првото забележано спомнување на Бизум (како остров) потекнува од 1140 година. Името на островот во средновековните документи се менувало неколкупати од првичното „Бивсне“ (1140) до Бузин (1208), Бузен (1281) и Буцен (1447). Средновековната историја на Бизум била забележана во хроноките на Неокор (Јоханес Адолф Кестер), свештеник и учител во Бизум во текот на XVI.[2]
Географска историја
[уреди | уреди извор]Во средновековниот период, Бизум бил остров со три села: Зидердорп, Миделдорп и Нордорп. Уништувачките поплави во 1362 година (Grote Mandrenke), во 1436 година и во 1570 година („Поплава на Сите Светци“) го потопиле поголемиот дел од островот и уништиле две од населбите, Зидердорп и Миделдорп. Поранешното село Нордорп со црквата Св. Климент сега го создава старото јадро на населбата Бизум.
Во 1585 година островот бил поврзан со копното преку изградба на брана. Подоцнежните наслоги на седимент од морето создале нова земја, која подоцна била обезбедена преку брани. Олујните поплави продолжиле да го земаат својот дел како што е забележано во црквата Св. Климент со посвета на поплавата од 1634 година, која убила 168 луѓе и уништила 102 домови. Во текот на уништувачката Божиќна поплава од 1717 година, селото Верфен близу Бизум целосно било потопено. Последната голема поплава се случила во февруари 1825 година. Оттогаш, подобрените брани успеале да го заштитат селото од плимните бранови.[3]
Политичка историја
[уреди | уреди извор]Островот Бизум бил првично предаден на епископијата Хамбург и Бремен, пред Дитмаршен да стане селска република. Од 1559 до 1867 година, Бизум (и Дитмаршен) биле данска територија и подоцна дел од Прусија. По Втората светска војна, Бизум биле дел од британската зона до 1955 година.
Средновековни сојузи и пиратство
[уреди | уреди извор]Во средновековниот период, Бизум бил често посетуван од трговци од Ханзата. Ханзата била главен сојузник на Дитмаршен, но селската република никогаш не станал дел од самиот сојуз. Луѓето на сиромашниот остров Бизум често прибегнувале кон пиратство за подобрување на нивните животи, предизвикувајќи постојани конфликти. Во 1420 година, Раклер Керстен и неговото друштво од Бизум впловиле во пристаништето Хамбург за набрзина да ограбат ханзеатски трговски бродови. Поради тоа, Хамбуржаните ја запалиле островската црква во Миделдорп. Новата црква била изградена во Нордорп и опремена со неколку работи ограбени од островот Пелворм од пиратот Корд Видерих.
Бомбардирање во Втората светска војна
[уреди | уреди извор]Во текот на Втората светска војна, бродоградилиштето и пристаништето во Бизум биле користени од воената морнарица, правејќи ги цел за воздушните напади. Бизум бил бомбардиран на 4 мај 1945 година, денот кога германските трупи се предале во северна Германија и така тоа бил последниот ден од војната. Девет лица загинале при нападот, 19 биле повредени и пет куќи биле целосно уништени.
Економија
[уреди | уреди извор]Рибарство
[уреди | уреди извор]Неокор запишал дека во тоа време главниот извор на приходи на лицата доаѓале од рибарство и земјоделство. Бизум како рибарска населба е главно познат по неговите „Бизумски морски ракчиња“ (Büsumer Krabben), кои се произведуваат и конзервираат за продажба. Првите записи за вадење ракчиња на Бизум потекнуваат од 1624 година. Во текот на ова време, ракчињата главно биле вадени од жени со помош на мрежи во плимните ендеци на Ваденското Море. Кон крајот на XIX век, рибарството на отворено море станало омилено и створило потреба за рибарски бродови. Пред Втората светска војна, рибарската флота на Бизум броела 132 пловила. Оттогаш, овој број на рибарски пловила постојано се намалува. Во 1998 година, рибарската флота на Бизум се состоела од 35 рибарски бродови и дополнителни 20 во пристаништето, главно од Холандија.[4]
Бродоградителство
[уреди | уреди извор]Бизум имало активно бродоградилиште кое започнало како сервис на рибарските бродови во 1902 година и било проширено за поголеми бродови во следните децении.[5] Во текот на Втората светска војна, бродоградилиштето во Бизум произведувало делови за подморници.[6] Конечно било затворено во 1986 година, покажувајќи се непрофитабилно во однос на другата конкуренција.[7]
Туризам
[уреди | уреди извор]Од 1818 година, Бизум се користи како приморска бања посетуван поради лекувачките ефекти од морската вода и калта од Ваденското Море. Официјално го стекнал статусот на приморско одборалиште во 1837 година. Бизум бил поврзан со железничката мрежа во 1883 година.
Во текот на нацистичкиот период, Бизум бил одредиште на туристите од Сила преку радост („Kraft durch Freude“), рекреативна програма организирана од НСДАП.[8][9]
Во 1949 година, Бизум бил официјално именуван „Здравствена бања на Северното Море“ (Nordseeheilbad). Денес, Бизум е омилено летно место за одмор за семејства и дневни посети од Хамбург. Во 2002 година забележал 658.723 ноќевања од 83.295 гости. Скоро сите (99,5%) од туристите во Бизум биле Германци.
Една од знаменитостите на Бизум е светилникот. Изграден во 1912/13 година со плочи од леено железно тешки 55 тони, кои првично биле бојадисани црни, пред да бидат пребојадисани во карактеристичните црвена и бела во 1952 година. Воден е автоматски од 1976 година од водостопанската и бродска управа во Тенинг[10] Од пристаништето во Бизум, туристите може да прават посети во морето, како за уживање, така и за рибарење, како и патувања долж Националниот парк Ваденско Море или до островот Хелголанд.
Население
[уреди | уреди извор]До XX век, Дитмаршен бил малку изолирано место на картата со мало влијание од надворешниот свет. Ова драстично се променило во текот на Втората светска војна, кога станал дом на евакуираните лица од Хамбург и другите градови во Шлезвиг-Холштајн, како и воените бегалци од источните територии на Германија. Постојаниот прилив на новодоселени лица скоро двојно го зголемило населението, а многу од бегалците живееле во касарни со години.[11] Поминало скоро една деценија пред животот во Бизум и другите градови да се врати во нормален тек.
Во 1970-тите и 1980-тите, Бизум имал прилив на странски работници, главно од Турција, да работат на локалното бродоградилиште, кое било затворено во 1986 година. Во летните месеци, жителите на Бизум главно се надминати од бројот на туристи кои престојуваат во градот од неколку дена до неколку недели.
Јазик
[уреди | уреди извор]Традиционален јазик говорен во Бизум е одредена варијанта на долногерманскиот јазик. Стариот дијалект сè уште се користи, особено помеѓу рибарите и постарата генерација на населбата.
Воедно, овој дијалект бил користен и од писателот Клаус Грот во неговото дело „Стар Бизум“ (Ol Büsum) издадена во 1853 година.[12] Темната и меланхолична поема ја опишува поплавата која го потопила стариот остров и како понекогаш при ниска плима може сè уште да се видат покривите на старата населба и ѕвоната на старата црква да се чујат.
Религија
[уреди | уреди извор]Бизум своевремено бил дел од католичката епископија на Хамбург и Бремен, но станал протестантска во текот на реформацијата во Дитмаршен во средниот век.
Доцноготската црква Св. Климент, именувана по папата Климент I како патрон заштитник на рибарите, била изградена помеѓу 1434 и 1442 година. Како уникатност на минатото на Бизум како пиратско место, црквата Св. Климент поседува крстилница и други работи украдени од островот Пелворм од пиратот Корд Видерих и понудени како подарок за црквата во Бизум.[13] Изрезбаниот портрет на Мартин Лутер од 1564 година го прикажува префрлањето од католицизам во протестантство. Олтарот потекнува од почетокот на XVIII век. Статичката слабост довеле до делумна загуба на готскиот таван во 1782 година, кој бил заменет од дрвен таван.
До XIX век, Дитмаршен бил скоро целосно лутерански, но оттогаш се појавило мало католичко малцинство. Од 1982 година, Хамбуршката архиепископија} повторно е надлежна за Бизум со новоизградената црква Св. Андреј.[14]
Образование и истражување
[уреди | уреди извор]Во 1988 година, Килскиот универзитет го основал Истражувачкиот и технолошки центар Западен брег (Forschungs- und Technologiezentrum Westküste) во Бизум. Центарот е насочен на истражување на ветерната енергија, поморската екологија, алгите, движењето на водата и седиментот, промените во крајбрежната морфологија и развојот на моделите за предвидување. Резултатите на ваквите истражувања главно се користат за подобрување на крајбрежното управување.[15]
Бизум е исто така седиште на заштитната станица и музејот на Националниот парк „Ваденско Море“, кој нуди тури и информации за напорите за заштита на природата.[16] Музејот на море на пристаништето нуди поглед на минатото на Бизум и сегашната историја во рибарството и туризмот.[17]
Настани
[уреди | уреди извор]Во текот на првиот викенд во август, рибарите од Бизум се натпреваруваат со нивните бродови во годишната регата за одредување на најбрзото рибарско пловило. Првата регата била одржана во 1894 година.
Меѓународни односи
[уреди | уреди извор]Бизум има потпишано договори за соработка со:
- Камаре сир Мер, Франција (од 1967 година)[18]
- Килунгсборн, Германија (од 1991 година)[19]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Население во разните административни единици на Шлезвиг-Холштајн во 2022 г.“. Статистичка служба за Хамбург и Шлезвиг-Холштајн. јуни 2023. (германски)
- ↑ Dahlmann's edition of Neocorus, Chronik von Dithmarschen (Kiel, 1827)
- ↑ (германски) Распоред на плимните бранови на Северното Море Архивирано на 9 февруари 2007 г.
- ↑ (германски) Museum am Meer - Chronik - Fischerei in Büsum
- ↑ (германски) Историја на бродоградилиштето во Бизум, 1901-1936 Архивирано на 6 март 2016 г.
- ↑ (германски) Историја на бродоградилиштето во Бизум, 1936-1963 Архивирано на 9 март 2016 г.
- ↑ (германски) Историја на бродоградилиштето во Бизум, 1963-1986 Архивирано на 7 март 2016 г.
- ↑ Geschichte Dithmarschens, Westholsteinische Verlagsanstalt Boyens, Heide, 2000
- ↑ Kurt Schulte: Büsum, Von der Insel zum Nordseeheilbad, Westholsteinischer Verlag Boyens, Heide, 1989
- ↑ „Информации за светилникот во Бизум“. Архивирано од изворникот на 2005-01-15. Посетено на 2015-02-03.
- ↑ Извор: Статистички податоци во Spiegel der amtlichen Statistik, Kiel, 1974
- ↑ Ol Büsum на Викиизвор
- ↑ (германски) Околу пиратот Корд Видерих од Бизум Архивирано на 21 февруари 2009 г.
- ↑ (германски) Христијански цркви во Бизум
- ↑ „Истражувачки и технолошки центар Западен брег во Бизум“. Архивирано од изворникот на 2007-05-05. Посетено на 2015-02-03.
- ↑ (германски) Природна станица Ваденско Море во Бизум
- ↑ (германски) Музеј на море
- ↑ (германски) Документ за партнерство со Камаре сир Мер Архивирано на 6 мај 2006 г.
- ↑ (германски) Документ за партнерство со Килунгсборн Архивирано на 6 мај 2006 г.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]„Бизум“ на Ризницата ? |
- Официјална страница (германски)
- Плимна табела за Бизум Архивирано на 28 септември 2007 г.
|