Мојата борба (германски: "Mein Kampf") — книга од австриско-германскиот водач, политичар, уметник, канцелар и диктатор, Адолф Хитлер, во којашто се содржат елементи на автобиографија и вовед и претставување на нацистичката политичка идеологија на Хитлер. Првиот том од „Мојата борба“ е издаден во 1925, а вториот во 1926 година.[1]

Мојата борба
АвторАдолф Хитлер
Изворен насловMein Kampf
ЗемјаГерманија
ЈазикГермански
ЖанрАвтобиографија, политичка теорија
ИздавачSecker and Warburg
Издадена
18 јули 1925
Страници720
ISBN9989-920-54-0

Историја

уреди

По неуспешниот државен удар, Адолф Хитлер се вдал во бегство. Бил уапсен и притворен на 11 ноември 1923, и по 24-дневното судење, бил прогласен виновен за велепредавство и осуден на пет години затвор (од кои требало да се скратат четири месеци и две недели заради времето одлежано пред и за време на судењето). Главниот судија Најтхарт бил убеден дека Хитлер и останатите членови на т.н. „Кампфбунд“ (Kampfbund) постапиле достоинствено, и затоа Хитлер добил смалување на казната на шест месеци и му бил доделен посебен затвор, еден вид на утврден затвор (Festungshaft). Ова му овозможило на Хитлер многу почести посети и работна маса во неговата соба.

Хитлер бил сместен во ќелијата бр. 9 во затворот во тврдината Ландзберг. Понатамошното судење во врска со државниот удар ги сместило во затвор и Хитлеровиот возач Емил Мауриц и неговиот близок соработник Рудолф Хес на пет години, иако и тие добиле скратување на шест месеци. За време на престојот на Хитлер во затвор, тој го променил својот поглед спрема употребата на насилство, така што оттогаш секоја негова постапка требало да биде навидум сосема легална.

Со оваа своја нова одлука, Хитлер сметал дека мора да ѝ покаже на јавноста за што се бори, и за таа цел почнал да пишува книга (всушност, тој им диктирал на Хес и Мауриц), делумно автобиографска, но исто така и еден вид на политички манифест. Додека бил затворен, Хитлер ја пополнил празнината во неговото писателско дело, со тоа што ја издал малата книшка од 24 страници насловена „Што се случи на 8 ноември?“, којашто била наменета да ги расчисти сомнежите и нејасноста околу партијата и, најверојатно, некои членови на јавноста.

Од еден плакат се открива дека Хитлер прво сакал да ја наслови неговата книга „Четири и пол години (борба) против лагите, глупавоста и малодушноста“ (Viereinhalb Jahre [des Kampfes] gegen Lüge, Dummheit und Feigheit). Се верува дека издавачот Макс Аман го скратил долгиот наслов со краткото и ефектно „Мојата борба“ (Mein Kampf). Исто така, се верува и дека Хес го предложил краткиот наслов.

Иако Хитлер до тогаш примал многу посетители, целосно се посветил на пишувањето (односно диктирањето) на книгата. Со тек на времето, Хитлер сфатил дека книгата мора да биде поделена во два дела. Првиот дел требало да излезе во почетокот на 1925 година. Тогашниот управител на Ландзберг забележал дека „тој (мислејќи на Хитлер) се надева дека книгата ќе добие многу изданија, што ќе му овозможи да ги подмири паричните долгови и да ги плати трошоците од времето на неговото судење“.

Откако бил ослободен од затвор на 20 декември 1924 година, Хитлер се повлекол во прекрасната планинска клима на Оберсалцберг, по предлог на неговиот ментор Дитрих Екарт, кој неколку недели бил со него во Ландзберг (осуден на 18 месеци за неговото учество во државниот удар), пред да биде ослободен заради слабо здравје. Преку ден Хитлер му го диктирал вториот дел од „Мојата борба“ на Екарт пред спиење, прво во соба во еден хотел, а подоцна изнајмиле колиба близу Хаус Вахенфелд (којашто подоцна станала неговото упориште (Berghof)).

На 15 јули 1925 година, издавачката куќа Franz Eher Nachfolger (Франц Еер Нахфолгер) (што подоцна станала издавачката куќа на НСДАП) ја издала „Mein Kampf: Eine Abrechnung“ (Биланс) во помалку од 500 примероци. Се вели дека народот побарал од издавачката куќа да го зголеми бројот на примероците, што резултирало со второ издание во средината на 1926 година. Второто издание, „Die Nationalsozialistische Bewegung“ (Национал-социјалистичкото движење), било издадено во декември 1926 година.

Влијание

уреди

Големо влијание врз книгата има извршено книгата на францускиот социолог Гистав Ле Бон од 1895 година насловена како „Психологија на толпата“ (La psychologie des foules), којашто ја опишува пропагандата како соодветна рационална техника за управување на навидум нерационалното однесување на толпите. Особено забележлив е насилниот антисемитизам на Хитлер и неговите соработници. На пример, Хитлер тврдел дека меѓународниот јазик Есперанто е дел од еврејска завера.

Содржина

уреди

„Мојата борба“ е збир од автобиографски раскажувања, историски и политички анализи и дискусии за многу различни теми, како меѓународни финансии, демократија, трговски заедници, улогата на пропагандата итн. без строга структура и редослед. Погледите на Хитлер на било која од тие теми се расфрлани во разни делови од книгата, некогаш како дел од долго анализирање на темата, а некогаш како одеднаш нафрлени забелешки. Севкупно, книгата ја претставува нацистичката идеологија (национал-социјализам). Книгата му била диктирана на Рудолф Хес, но се открива карактеристичниот говорнички стил, со изразена реторичност, генерализирање, повторување, емоционализам и недостаток на детали и факти.

Содржина по глави:


Предговор

ПРВ ДЕЛ: БИЛАНС

Глава I, Во куќата на моите родители

Глава II, Години на учење и страдање во Виена

Глава III, Формирање на општите политички погледи од виенскиот период

Глава IV, Минхен

Глава V, Светската војна

Глава VI, Воената пропаганда

Глава VII, Револуцијата

Глава VIII, Почетокот на мојата политичка дејност

Глава IX, Германската работничка партија

Глава X, Зошто Второто царство се распадна

Глава XI, Народ и раса

Глава XII, Почетен период на формирање на НСДАП

ВТОР ДЕЛ: НАЦИОНАЛ-СОЦИЈАЛИСТИЧКОТО ДВИЖЕЊЕ

Глава I, Светоглед и партија

Глава II, Државата

Глава III, Поданик и граѓанин

Глава IV, Улогата на личноста и идеалот за народната држава

Глава V, Светоглед и организација

Глава VI, Почетокот на борбата. Моќта на ораторството

Глава VII, Судирите со црвениот фронт

Глава VIII, Силниот е моќен со својата самостојност

Глава IX, Основни погледи врз организацијата на СА

Глава X, Маската на федерализмот

Глава XI, Пропаганда и организација

Глава XII, Прашањето на синдикатите

Глава XIII, Повоената германска политика

Глава XIV, Германската политика за Источна Европа

Глава XV, Правото на законска одбрана

Заклучок


Националсоцијализам
 
Кукест крст

Во „Мојата борба“, Хитлер ја користи главната теза „еврејската напаст“, што зборува за наводна еврејска завера за контролирање на светот. Раскажувачот го опишува процесот по којшто станал толку антисемитистички и милитаристички настроен, особено за време на престојот во Виена. Сепак, подлабокото потекло на неговиот антисемитизам останува мистерија. Тој вели дека не сретнал Евреин пред пристигнувањето во Виена и дека отпрво, неговиот став бил либерален и толерантен. Кога првпат видел антисемитистички собир, вели тој, сметал дека воопшто не е вреден за да размислува за тоа. Малку подоцна и, се чини, одеднаш, го прифатил антисемитизмот со целото срце и тој станал главната цел во неговата програма за национална реконструкција.

„Мојата борба“ исто така се разгледува и како дело околу политичка теорија. На пример, во книгата Хитлер ја искажува својата омраза спрема (она што тој верувал дека се) двете најголеми и братски зла на светот: комунизам и јудаизам. Новата територија што Германија требало да ја освои веројатно би помогнала во остварувањето на „историската судбина“ на германскиот народ. Оваа цел ја објаснува Хитлеровата инвазија на Европа, и источна и западна, пред започнувањето на нападот врз Русија. Хитлер ја обвинил парламентарната влада за сите главните проблеми на Германија и нагласува дека сака целосно да го уништи тој тип на влада.

„Мојата борба“ се разгледува уште и како дело околу надворешна политика. На пример, Хитлер ги прогнозира фазите во политичката иднина на Германија на светско ниво: во првата фаза, преку масивна програма за вооружување, Германија ќе се ослободи од стегите на Версајскиот договор и ќе формира сојуз со Британската Империја и Фашистичка Италија. Втората фаза би била проследена со војни на здружените сили на Германија, Британија и Италија против Франција и нејзините сојузници во Источна Европа. Во третата и последна фаза, требало да се уништи она што Хитлер го нарекува „јудео-болшевички“ режим во Советскиот Сојуз, со што на Германија ќе ѝ се отстапи неопходниот „Лебенсраум“ (Lebensraum; простор за живеење). Германскиот историчар Андреас Хилгрубер, го нарекол планот на Хитлер „Хитлеров Штуфенплан“ (чекор по чекор). Терминот „Штуфенплан“ многу се користи од историчарите, но мора да се напомене дека терминот е на Хилгрубер, а не на Хитлер.

Хитлер се претставил себеси како „Übermensch“ (Иберменш), односно „Суперчовек“. Фридрих Ниче го измислил овој поим во неговата книга „Така говореше Заратустра“ (Also sprach Zarathustra). Самоопределувањето на Хитлер како Суперчовек можно е да има корени во неговата соработка со сестрата на Ниче, Елизабет Ферстер-Ниче, која била еден од првите членови на Нацистичката партија и посветен антисемитист. Токму таа станала сопственик и уредник на делото на Ниче по неговиот душевен колапс.

„Мојата борба“ јасно го претставува Хитлеровиот расистички светоглед, делејќи ги луѓето по нивното потекло. Хитлер вели дека германските ариевци се на врвот на хиерархијата, а Евреите и Циганите се на дното. Понатаму вели дека доминираните народи имаат корист од учењето од супериорните ариевци. Тој тврди дека Евреите коваат завера за спречување на „господарската раса“ правилно да го владее светот преку тоа што ја изретчуваат расната и културната чистота и што ги убедуваат ариевците да веруваат во еднаквост, наместо во супериорност и инфериорност. Ја опишува борбата за владеење на светот како расна, културна и политичка битка помеѓу ариевците и неариевците.

Во 1928 година, Хитлер почнал да пишува втора книга во којашто ги проширил овие идеи и претпоставил дека околу 1980 година ќе се одвие конечна борба за светска власт помеѓу САД, здружените сили на Голема Германија и Британската Империја.

Популарност

уреди

Уште пред Хитлер да дојде на власт, „Мојата борба“ се продавала прилично добро. Од приходите од книгата можел да си дозволи Мерцедес, додека сѐ уште бил во затвор. Само од данокот од продажбите му се собрал долг од 405.000 рајхсмарки (околу 360 милиони денари). Се продале 240.000 примероци додека да стане канцелар во 1933 (тогаш долгот веќе не постоел).[2][3]

Книгата стекнала огромна популарност и станала Библијата на секој нацист. До крајот на војната, околу 10 милиони примероци биле продадени или дистрибуирани во Германија (секој нововенчан пар, како и секој војник што е на фронт, добивале бесплатен примерок), така што Хитлер заработил околу 1,2 милиони рајхсмарки од книгата во 1933 (кога просечните годишни приходи на наставник биле околу 4.800 марки).[2][3]

Некои историчари веруваат дека повнимателното читање на книгата пред Хитлер да дојде на власт (или барем пред да почне војната), можеби ќе го предупредел светот за опасноста за мирот во Европа и за холокаустот што тој го планирал. Пред Втората светска војна, излезен е еден англиски превод со коментари, забелешки и објаснувања. Издавачот отстранил некои од поантисемитистичките и милитаристички изјави. Издавањето на оваа верзија го натерало Алан Кренстон, американски репортер за УПИ (United Press International) во Германија (подоцна сенатор од Калифорнија) да ја издаде својата изменета верзија со негови коментари. Кренстон верувал дека оваа верзија попрецизно ќе ја долови содржината на книгата. Во 1939, Кренстон бил тужен од Хитлеровиот издавач за непочитување на авторските права и судијата од Конектикат пресудил во корист на Хитлер. Сепак, додека да биде запрено издавањето на Кренстоновата верзија, 500.000 примероци веќе биле продадени.[4]

Достапност во другите земји

уреди
Мојата борба
 
АвторАдолф Хитлер
Изворен насловMein Kampf
ПреведувачЕлена Николова
ЗемјаМакедонија
ЈазикМакедонски
ЖанрАвтобиографија, политичка теорија
ИздавачТНИД „Ѓурѓа“ - Скопје
Издадена
2005
Страници590
ISBN9989-920-54-0

Денес, државата Баварија ги има правата над сите изданија на книгата, освен англиското, холандското и шведското. Холандската влада тврди[5] дека ги добила правата по Втората светска војна. Треба да завршат на 31 декември 2015 година. Историчарот Вернер Мазер, за едно интервју со Билд ам Зонтаг тврди дека Петер Раубал, синот на Хитлеровиот внук, Лео Раубал, би имал големи шанси да ги добие правата над книгата кога би започнал постапка. Лео Раубал, австриски инженер, рекол дека не сака дел од правата над книгата, коишто би можеле да вредат милиони евра.[6]

Владата на Баварија, во договор со федералната влада на Германија, не дозволува копирање или печатење на книгата во Германија и се спротивставува на истото и во други земји, но со помал успех. Поседување и купување на книгата е легално. Тргување со стари копии е исто така легално, освен ако тоа не се прави на таков начин „да шири омраза или војна“, што е, според антиревизионистичките закони, нелегално. Повеќето германски библиотеки чуваат верзии на „Мојата борба“ со премногу коментари.

Ваква е ситуацијата во другите земји од светот:

  • Во Австралија, книгата е слободно достапна (ISBN 0-395-92503-7).
  • Во Австрија, поседување и/или тргување со книгата е забрането.
  • Во Аргентина, книгата е недостапна, но копии од времето пред да биде забранета сѐ уште постојат.
  • Во Британија, книгата е достапна и се продава во 3.000 примероци годишно.[7]
  • Во Бугарија, книгата е слободно достапна.
  • Во 1999, во Германија било установено дека големите интернет-книжарници како amazon.com и barnesandnoble.com ја продаваат книгата во Германија. По една јавна жалба, и двете компании се сложиле да престанат со продавањето. Постојат разни страници со врски до забранети книги од каде што може да се набави и „Мојата борба“, а текстот од книгата го има на многу мрежни места.
  • Во Грција, книгата е слободно достапна.
  • Во Данска, книгата е недостапна, но копии од времето пред да биде забранета сѐ уште постојат.
  • Во Индија, книгата е слободно достапна (ISBN 81-87981-29-6).
  • Во Ирска, книгата е слободно достапна.
  • Во Италија, книгата е слободно достапна.
  • Во Јапонија, книгата е слободно достапна.
  • Во Канада, книгата е слободно достапна (ISBN 0-395-07801-6).
  • Во Јужна Кореја, книгата е слободно достапна.
  • Во Колумбија, книгата е слободно достапна и може да се најде во повеќето големи библиотеки.
  • Во Либан, арапско издание на книгата било издадено во 1995.[8]
  • Во Мексико, книгата не може да се најде во големите книжарници или библиотеки бидејќи велат дека продавањето е забрането, но може да се сретне во помалите книжарници во Град Мексико и други градови како „пиратска“.
  • Во Нов Зеланд, книгата е слободно достапна и може да се најде во повеќето поголеми библиотеки.
  • Во Палестина, во септември, 1999 година, книгата го достигнала шестото место на списокот на бестселери, откако палестинските власти ја дозволиле нејзината продажба.[8] Откако била преведена на арапски, книгата е многу продавана во арапскиот свет од триесеттите години до денес.
  • Во Руската Федерација, од 1992 книгата е најмалку 3 пати издавана. Руската верзија е исто така достапна и на неколку мрежни места. Неодамна, јавната комора на Русија предложи забранување на книгата.
  • Во Соединетите Американски Држави, книгата може да се најде во речиси секоја библиотека и може да се купува, продава и да се тргува со неа преку разни мрежни места. Американската влада ги одземала правата врз книгата за време на Втората светска војна, а во 1979, компанијата Houghton Mifflin (Хотон Мифлин) американскиот издавач на книгата, ги купила правата од владата. Повеќе од 15.000 примероци се продаваат годишно.[7]
  • Во Советскиот Сојуз, книгата била недостапна и строго забранета.
  • Во Турција, книгата е достапна. Турско издание било бестселер во Турција во март 2005, со продадени преку 100.000 примероци за два месеци.[9]
  • Во Финска, книгата е слободно достапна.(ISBN 1-59364-006-4)
  • Во Франција, продавање на книгата е забрането, освен ако не се работи за историски изданија што вклучуваат коментари од специјалисти и законот што го одобрува посебното историско издание.
  • Во Холандија, продавање на книгата, дури и во случај на стара копија, е нелегално заради „ширење омраза“, но поседување и позајмување е легално. Во 1997, владата му објаснила на парламентот дека продавањето на верзија на книгата со научни објаснувања може да избегне кривично гонење.
  • Во Хрватска, книгата е издадена во 1999, второто издание во 2003 и изданието на германски јазик во 2002.
  • Во Чешка, книгата првпат е продадена во 1936, па повторно во 1993, двапати со вадени текстови и додавани коментари. Целосното издание на чешки е издадено во март 2000 година.[7]
  • Во Шведска, кога книгата била повторно издадена во 1992, владата на Баварија се обидела да ја забрани. Случајот стигнал до шведскиот врховен суд. Во 1998 судот одлучил дека правата врз книгата не ги држи новата држава Баварија. Бидејќи издавачката куќа што ја издавала книгата во триесеттите одамна престанала да работи, правата за книгата се веќе заборавени (или дури и во јавна сопственост). Случајот бил добиен од новиот издавач, отворен антинацист.
  • Во Шпанија, книгата е недостапна, но копии од времето пред да биде забранета сѐ уште постојат.

Белешки

уреди
  1. Mein Kampf“, Адолф Хитлер (оригиналното издание е од 1925-1926), повторно издадена на 15 септември 1998, издавач: Mariner Books (Маринер Букс), јазик: англиски, страници: 720, ISBN 0-395-92503-7
  2. 2,0 2,1 Избегнатите даноци на Хитлер, експертски наоди (на англиски) BBC News
  3. 3,0 3,1 Mythos Ladenhüter (на германски) Spiegel Online
  4. Приходите од книгата (на англиски) на Cabinet Magazine Online
  5. "Heruitgave van 'Mein Kampf' is geen zaak voor de Nederlandse overheid", Статија во весник (на холандски) во којашто авторот тврди дека ставот на холандската влада дека е држител на правата врз холандскиот превод на „Мојата борба“ (Mijn kamp) се заснова на лажни претпоставки; „NRC Handelsblad“, 12 ноември 1997.
  6. Роднина на Хитлер се откажува од добивките Архивирано на 29 декември 2017 г. (англиски)," Ројтерс, 25 мај 2004.
  7. 7,0 7,1 7,2 Одобрување на Хитлер (на англиски), Јулија Паскал; New Statesman, 25 јуни 2001.
  8. 8,0 8,1 Special Dispatch“ - Бр. 48" (арапска верзија на книгата), октомври 1999, MEMRI.org мрежно место: MEMRI-MKampf.
  9. „Мојата борба“ се продава со огромна брзина во Турција, The Guardian, 29 март 2005.

Поврзано

уреди