Вардар
Вардар — најголемата река во Македонија и воопшто целиот регион Македонија.[1] Долга е 388 км и нејзиниот речен слив опфаќа површина од приближно 25.000 км2. Извира во Гостиварско и завршува во Солунскиот Залив, Егејска Македонија, во заштитената месност наречена Делта на Вардар. Поради реката, по поделбата на Македонија по Балканските војни, овој дел на Македонија бил наречен Вардарски дел на Македонија или едноставно Вардарска Македонија. Повторно, поради својата географска одлика на овие краишта, според реката била наречена Вардарска бановина која била административна единица на Кралство Југославија во периодот 1929-1941.
Вардар | |
---|---|
Вардар во Велес | |
Местоположба | |
Држави | Македонија, Грција |
Физички особености | |
Извор | |
• место | Вруток под Шар Планина |
• надм. вис. | 500 м |
Устие | Делта на Вардар, Солунски Залив, Егејска Македонија |
Должина | 388 км |
Големина на сливот | 20.535 км2 |
Проток | |
• просечен | 174 м3с |
Особености на сливот | |
Течение
уредиВардар има навистина композитна речна долина поради редењето на клисури и котлини една по друга вдолж нејзиното течение. Реката извира во Вруток, неколку километри југозападно од Гостивар во северозападниот дел на Македонија. Продолжува да тече низ градот Гостивар и котлината Полог каде се влеваат неколку притоки: Лакавица, Маздрача, Пена, Бистрица, Ракита. Потоа преку Дервенската Клисура навлегува во Скопската Котлина каде прима вода од Лепенец, Треска, Пчиња и Маркова Река и минува низ Скопје. Минувајќи низ Таорската Клисура каде се влева Кадина Река, Вардар навлегува во малата Велешка Котлина и минува низ Велес. Овде се влеваат реките Тополка и Бабуна. Потоа преку Велешката Клисура навлегува во Тиквешката котлина каде се влеваат двете нејзини најголеми притоки Црна Река од десна и Брегалница од лева страна. Навлегува во познатата Демиркаписка Клисура, а преку нејзе во Гевгелиско-валандовската Котлина каде што ја преминува грчката граница, минува низ Циганската Клисура, и течејќи низ Солунското Поле се влева во Егејското Море во паркот Делта на Вардар западно од Солун, Егејска Македонија.
Хидрографски одлики и податоци за Вардар
уреди- Должина: 301 км во Република Македонија (вкупно 388 км)
- Површина на речен слив: 20 535 км2
- Среден пад: 2,1%
- Среден проток: 174 м3/с
Верзии за потеклото на името
уреди- Позната е приказната дека реката го добила ова име во чест на римскиот префект на Скупи, кој се викал Варда Склир и кој го регулирал течението на реката и со тоа го спасил градот од поплави.
- Името Вардар е слично со имињата на други реки што течат во Средна Азија - Сир Дарjа, Аму Дарjа и Чебдар. Зборот дарjа е персиски и значи „река“, море или океан.
- Хидронимот Вардар веројатно потекнува од готскиот збор „Vordol“, кој е даден на реката кога Готите биле на овие простори (V век).
- Вардар води потекло од истоимениот тракиски збор што значи „црна вода“.
Стопанско, сообраќајно и водостопанско значење на реката Вардар
уредиВо средината на XIX век, реката Вардар била пловна и по неа со сплавови се пренесувале жито, волна, дрва, сирење, мед итн. Еден сплав носел околу шест тони товар, а сплавовите од Велес до Солун пловеле за неколку часа. Во својот патопис од 1858 година, германскиот правник Јохан Хан запишал дека по Вардар се пловело и со чунови и со кајаци. Притоа, тој кажува дека првите обиди за превоз на жито од Скопје до Солун по воден пат биле направени неколку години пред тоа. Исто така, други извори потврдуваат дека житото се пренесувало од Скопје до Велес со чунови, а оттука стоката се носела во Солун со кајаци. Еден вардарски чун пренесувал околу 240 шиници жито. Изработката на вакви чунови во Велес чинела околу 600 пијастри, а во Солун чуновите морале да бидат продадени по цена од околу 10% од почетната, зашто Вардар бил премногу тежок за патување спротиводно. Чуновите се изработувале од дрво кое пристигало од Тетово, Битола и Прилеп, а најмногу ценето било дрвото од Прилеп. Инаку, најчесто чуновите патувале ноќе при што секој чун го управувале по двајца искусни кормилари. Најголеми тешкотии во пловидбата чуновите имале кај Таорската Клисура, Железната Порта кај Демир Капија и кај Циганските Теснини, а за време на транспортот на жито од Велес до Солун загубата изнесувала околу 2% од товарот.[2]
Долината и течението на реката Вардар претставуваат многу важен предел за Македонија, од економско-стопански, сообраќаен и воено-стратешки аспект. По долината на Вардар се наоѓаат автопатот „Пријателство“ (Е-75) кој е дел од европскиот коридор 10 и ја поврзува Македонија со Србија и Егејска Македонија, во горното течение на Вардар пак се наоѓа автопатот Скопје - Тетово - Гостивар кој пак е дел од европскиот коридор 8 што ја поврзува Македонија со Бугарија и Албанија. Како дел од истите 2 европски коридори во долината на реката Вардар се наоѓаат и електрифицираната железничка пруга Скопје - Солун и пругата Скопје - Кичево. Овие сообраќајни правци се од огромно економско и стопанско значење за Македонија со оглед на тоа што тие се главната артерија на поврзување со сите останати делови на државата и со соседните држави. Во минатото по реката Вардар се одвивала трговија и по воден пат со сплавови и чунови („гемии“), најчесто на потегот од Велес до Солун. Денес реката не е пловна, иако има некои идеи таа повторно да се направи пловна. Ваквата местоположба на долината на Вардар отсекогаш имала големо воено-стратешко значење. Денес најголемиот воен полигон на АРМ, „Криволак“, кој воедно е и регионален тренинг центар, се наоѓа токму во долината на Вардар од неговата лева страна кај селата Пепелиште, Џидимирци и Криволак. Водената моќност на реката Вардар е искористена само во нејзиниот изворишен дел каде работи ХЕЦ „Вруток“. Во план е изградба на големиот проект „Вардарска Долина“, во кој е предвидена изградба на 10 помали хидроцентрали за производство на струја, по течението на Вардар од Велес до Гевгелија[3].
Вардар како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Крај Вардара високи баири“ — македонска народна песна.[4]
- „Потекол ми силен Вардар“ — македонска народна песна.[5]
- „Вардар“ — поема на македонскиот поет Анте Поповски.[6]
- „Една река тече на југ“ — песна на македонскиот поет Јозо Т. Бошковски од 1981 година.[7]
- „Нема доста кој да рече“ — песна на македонскиот поет Васе Тодоров - Шлеговец.[8]
- „Ој Вардаре македонски“ — фолк песна на Јонче Христовски.[9]
Галерија
уреди-
Вардар во Гостивар
-
Вардар во Гостивар
-
Камениот мост преку Вардар, во Скопје
-
Вардар во Скопското Поле, помеѓу селата Долно Лисиче и Јурумлери
-
Вардар во Таорската Клисура, непосредно по вливот на Кадина Река
-
Вардар на излезот од Таорската Клисура, непосредно по вливот на Пчиња
-
Вардар во Велешката Клисура, на излезот од градот Велес
-
Вардар североисточно од Неготино
-
Вардар во Демиркаписката Клисура
-
Делтата на Вардар во Солунскиот Залив
Наводи
уреди- ↑ „Вардар“ — Дигитален речник на македонскиот јазик
- ↑ Блаже Миневски, „Сплавови со шест тони стока од Велес до Солун стигнувале за неколку часа“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 4-5.
- ↑ www.elem.com.mk
- ↑ Macedonian Folklore Classics, Nikola Badev. Macedonian Radio and Television, MP 41020.
- ↑ Блаже Тренески, Стојна ситноода. Скопје: Студентски збор, 1981, стр. 38.
- ↑ Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 186-192.
- ↑ Јозо Т. Бошковски, Деца и цвеќиња и ѕвезди, Нов свет, Скопје, 1981, стр. 39.
- ↑ Васе Тодоров - Шлеговец, Магија на детството. Скопје: александар & александар, 2000, стр. 10-11.
- ↑ Антологија на македонската чалгија / Antology of Macedonian Chalgia, Македон мјузик, МАКМ 00106, 2006.
„Вардар“ на Ризницата ? |