1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕгипет

Старите Египќани правеле операции на рак

Тагесшау
3 август 2024

Лекарите во древниот Египет веројатно пред повеќе од 4.300 години се обидувале хируршки да ги отстранат малигните тумори. Ова го покажува една нова студија.

https://p.dw.com/p/4h0Px
рак
Старите Египќани правеле операции на рак?Фотографија: Spectral/Westend61/IMAGO

Лекарите на древниот Египет имале големо медицинско знаење. Познато е дека правеле протези и лекувале заби и користеле лекови. Сепак, досега немаше докази дека тие поседувале знаење за третман на рак. Новата студија во стручното списание „Frontiers in Medicine“ спроведена на два черепа дава изненадувачки резултати за можните траги од операција на рак.

Веројатно најраниот доказ за операција на рак  

Еден од черепите од колекцијата Дакворт на Универзитетот во Кембриџ во Англија му припаѓа на маж во раните триесетти години, кој веројатно боледувал од тумор во носно-усната шуплина во напредна фаза. Череп стар над 4.300 години претставува еден од најстарите познати случаи на рак. Има голема дупка во коската на непцето, како и триесетина помали коскени оштетувања на черепот кои најверојатно се предизвикани од рак кај метастазите.

Кога научникот од Тибинген и главниот автор на студијата, Татјана Тондини, подетално ги испитувале патолошките промени на коските, таа открила, на свое изненадување, траги од исеченици.

„Не го очекував тоа. Се јавив на мојот ментор и се запрашавме дали тоа се траги на исеченици и од каде можат да настанат?“, вели Татјана Тондини од Археолошкиот институт за Универзитетот во Тибинген.

Откриените исекотини во пределот на заболените места, според овој научник, може да се предизвикани од остар алат, како што е скалпел. Ова би бил најраниот доказ за хируршки третман на рак во историјата на човештвото - иако тој не бил спасоносен, бидејќи човекот починал - непосредно пред или по операцијата.

„Не можеме да кажеме дали личноста умрела поради операцијата или веќе била мртва и дали древните Египќани се обидувале подобро да разберат од што тој боледувал“, објаснува Тондини. „Ако тој човек преживеал, би требало да видиме реакција во коската, која не ја забележуваме“. 

Новите методи овозможија изненадувачко откритие  

Овој череп го проучувал научникот Калвин Велс во 1963 година, кој го препознал ракот, но не ги забележал трагите од операцијата. Причината е што методите на анализа значително се развија во последните децении. Користејќи дигитална микроскопија и микро-компјутерска томографија, односно особено технологија за снимање со висока резолуција, истражувачкиот тим сега можеше да види исеченици на коските, кои не се видливи со голо око.  

Доказ за третман на опасни по живот повреди на главата  

Вториот проучуван череп припаѓа на жена над педесет години, која исто така боледувала од рак. Авторите на студијата исто така го проучувале со цел да дознаат повеќе за видовите на рак кои постоеле во античкиот свет и како египетската медицина се обидела да ја истражи оваа болест пред повеќе од 4.000 години.

Покрај трагите од рак, две дополнителни залечени повреди укажуваат на насилни дејства. Според научникот, едната повреда била предизвикана од остар предмет, како што е меч. Тоа овозможило да се дојде до заклучоци за тогашното медицинско знаење: „Од коскените формации околу повредата гледаме дека жената успеала да ја преживее повредата“, изјави Тондини.

Тоа значи дека Египќаните од тоа време можеле успешно да ги излечат фрактурите на черепот опасни по живот.  

Изненадувачки борбени повреди на черепот на една жена 

Изненадувачки и ново за научниците во проучувањето на оштетувањето на коските беше откритието дека станува збор за женски череп. Ваквите повреди се потипични за машките черепи од околу 600 година п.н.е. во Египет. Тоа е период обележан со бројни инвазии. „Не можеме со сигурност да кажеме дали жената била воин или се работи за траги на семејно насилство“, вели Тондини и додава дека сепак смета дека е поверојатна хипотезата за жени воини, бидејќи повредата најверојатно била предизвикана од предмет сличен на меч. 

Ракот не е модерна болест 

Врз основа на студијата, таа се осврна и на идејата дека ракот е болест на модерното време: Болеста била честа и кај старите Египќани, бидејќи и тие пиеле алкохол, нивните куќи биле слабо проветрени, па луѓето веројатно биле изложени на чад. „Дури и тогаш имало влијанија од околината и модалитети на однесување кои потенцијално предизвикуваа рак“, смета Тондини. 

Анализата на ткивото води до нови наоди 

Анализите на ткивото и ДНК на двата черепа би можеле да доведат до нови важни сознанија. Тондини се надева дека ќе дознае дали маркерите на ракот се промениле со текот на времето и дека ќе се стекне повеќе знаење за историјата на болеста и животните околности во овие два случаи. Со черепот на мажот, се надева дека ќе може да го докаже вирусот Епштајн-Бар, кој сега е поврзан со ракот во носно-усната шуплина.  

Сепак, неопходно е да се оштетат черепите за да се соберат примероци од ткиво. Доколку Универзитетот Кембриџ го одобри тоа, истражувачката група планира да спроведе дополнителни анализи на черепите.