1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Филипче: Згрешивме со измените во Кривичниот законик

ДТЗ
25 јули 2024

Лидерот на СДСМ и подаде рака на ВМРО-ДПМНЕ за носење нов Кривичен закон со консензус. Но, Христијан Мицкоски порача дека ќе се носи законик по европски стандарди, а не по нечии потреби

https://p.dw.com/p/4iiXq
Венко Филипче
Лидерот на СДСМ и подава рака на ВМРО-ДПМНЕ за носење нов Кривичен закон со консензусФотографија: SDSM

Новиот лидер на СДСМ, Венко Филипче на брифинг со новинарите во Скопје рече дека згрешиле со измените во Кривичниот законик, коишто доведоа до намалување или застарување на казните на голем број функционери обвинети за злоупотреби. По бројните критики во јавноста и меѓународните институции, Филипче вели дека е време да се донесе нов Кривичен закон кој ќе ги исправи направените грешки. 

„Треба да бидеме чесни и да признаеме дека згрешивме со измените во Кривичниот законик. Но, истовремено имаме соработка со меѓународните институции со коишто се донесени 20-тина закони, поддржани и од Венцијанската комисија и сметам дека треба да продолжиме по патот на имплементација на реформите во судството, со поддршка на меѓународната заедница“, вели Филипче. 

„Да донесеме нов закон со консензус“ 

Тој и подаде рака на ВМРО-ДПМНЕ заедно да донесат нов Кривичен закон, за кој вели дека е изготвен и треба да биде ставен на јавна расправа. Станува збор за закон кој почнал да се изготвува во 2017 година, во време кога министерка за правда беше Рената Дескоска од СДСМ. 

„Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој нов Кривичен закон е направен во координација со меѓународните институции, по терк на Кривичниот закон во Германија и сметам дека што поскоро треба да биде ставен на јавна расправа, да го разгледаат експерти, да го кажат своето мислење и заедно со консензус да донесеме нов, како што доликува. Не е доволно да кажеме дека сме згрешиле што сме донеле таков закон - еве одиме чекор понатаму таа грешка да ја исправиме на овој начин“, вели првиот човек на опозициската СДСМ. . 

По бројните реакции на граѓаните и резултатите на изборите, Филипче вели дека ја увиделе направената грешка. „Не треба да затвориме очи и уши и да не ги слушнеме забелешките на граѓаните. Затоа предлагам да продолжиме на патот на соработа со меѓународните институции кои не поддржуваат и кои вложиле многу за да се реформира судството“, вели Филипче.  

правда
Венко Филипче вели дека згрешиле со измените во Кривичниот законик, коишто доведоа до намалување или застарување на казните на голем број функционери обвинети за злоупотреби.Фотографија: picture-alliance/dpa

Закон по европски стандарди, а не според нечии потреби

Премиерот Христијан Мицкоски не ја прифати понудената рака на Филипче Вели дека нов Кривичен законик ќе се донесе, но по европски стандарди, а не по нечии потреби.

„Велат сработиле нов Кривичен, но што правиме со оние дела кои застареа и за кои граѓаните плаќаат отштета, за тие дела што застареле ќе вратат ли од украдените пари, бидејќи сега имате дела кои застареа и врз основа на тоа тие бараат отштета и добиваат од буџетот на државата. Тоа се милиони евра, тоа се ваши пари. Еве нека извадат од џеб и нека продадат дел од својот имот, а Бога ми го имаат, голем е имотот на поранешните функционери од СДСМ и нека вратат во буџетот“, вели Мицкоски.

Според него, студент од прва година на факултет знае дека за сите оние дела коишто се сторени изминатиот период и ќе бидат процесуирани, обвинитите ќе го изберат подобриот закон за нив. „Сега ние најригорозниот закон да го направиме, да речеме ќе отсекуваме глава на тој којшто ќе го фатиме во криминал, ќе рече јас ќе си го изберам овој, бидејќи таму ставот 3 од член 353 го нема, бидејќи овие си го избришаа за себе да не одговараат“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање при посета на Стопанската комора.

На 6 септември 2023 година, по брза постапка со европско знаменце, претходниот парламент со поддршка на најголемите партии донесе измени на Кривичниот законик, кои што предизвикаа лавина промени кај казните, но и бура реакции во јавноста. Клучната новина во усвоените измени, коишто се  најдоа и под лупа на Брисел и Амбасадата на САД во Скопје, беше бришењето на ставот 5 од членот 353 на Кривичниот закон кој предвидуваше затворска казна од најмалку 5 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при вршење на јавни набавки или на штета на средствата од Буџетот. По овој член беа гонети голем број државни и владини функционери во изминатите години. Со укинувањето на овој член, активните постапки запреа, а неактивните застареа. 

Покрај предупредувањата не експертите дека со ваквите измени се зголемува ризикот од корупција, тргување со влијание и партиски пазарења и незадоволството на Врховниот суд што не бил консултиран во носењето на ваквите важни законски решенија, измените на КЗ ги ставија во небрано обвинителствата и судовите околу судските процеси коишто се водеа.

Големи ризици

Европската комисија во извештајот за владеењето на правото објавен во средата (24.07) се осврна токму на оваа тема. Таа наведува дека неодамнешните измени на Кривичниот законик ја ослабеа правната рамка, негативно влијаејќи на справувањето со корупцијата, особено во случаите на корупција на високо ниво.

Околу 200 обвинети во 36 судски предмети, кои се гонеа за злоупотреба на службената положба во Кривичниот суд во Скопје, беа засегнати со законските измени на Кривичниот законик. Врховниот суд алармираше дека одредени измени на Кривичниот законик носат големи ризици за судските процеси, а евроамбасадорот Дејвид Гир во повеќе наврати укажуваше дека по брзите измени на Кривичниот законик, неказнивоста е зголемена. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи