Прејди на содржината

Френсис Бејкон

Од Википедија — слободната енциклопедија
Сер Френсис Бекон

Френсис Бејкон (англиски: Francis Bacon; Лондон, 22 јануари 1561 — Лондон, 9 април 1626) — англиски филозоф, државник, и есeист.

Животопис

[уреди | уреди извор]
Портрет на Бејкон на возраст од 18 години, Национална галерија на портрети, Лондон.

Бејкон е роден на 22 јануари 1561 година, во Јорк Хаус, во Лондон, како син на Николас Бекон и на неговата втора жена, Ана (Кук) Бејкон.[1] Биографите сметаат дека во детството Бекон бил школуван дома, поради лошата здравствена состојба (која го следела во текот на целиот живот), со подучување од страна на Џон Волсал, дипломец на Оксфорд, со цврста насоченост кон пуританството. На 5 април 1573 година, на возраст од дванаесет години, се запишал на колеџот „Тринити“ при Универзитетот Кембриџ.[2] Три години живеел заедно со неговиот постар брат, Ентони Бејкон, а под лично туторство на д-р Џон Витгифт, иден Кентербериски архиепископ. Образованието на Бејкон во голема мера било на латински и по средновековната наставна програма. Исто така, тој се образувал и на Универзитетот во Поатје. Во Кембриџ, Бејкон ја запознал кралицата Елизабета, која била воодушевена од неговиот прерано созреан интелект и го нарекла и „младиот лорд чувар“.[3] На 27 јуни 1576 година, Френсис и брат му Ентони влегле во societate magistrorum, во Грејс Ин, а неколку месеци подоцна Френсис заминал во странство, во друштво на сер Амиас Палет, англискиот амбасадор во Париз, додека Ентони ги продолжил своите студии дома. Во следните три години, Френсис Бејкон ги посетил Блоа, Поатје, Турс, а патувал и во Италија и во Шпанија. За време на неговите патувања, Бејкон ги изучувал јазиците, дипломатијата и граѓанското право, при извршувањето на рутинските дипломатски задачи.

Во 1580 година, со помош на неговиот вујко, лорд Бургхли, тој се пријавил за работа на суд, но бил одбиен. Во текот на следните две години, тој продолжил да работи во Грејс Ин, додека не станал признат како надворешен адвокат во 1582 година. Во 1584 година го зазел своето место во парламентот за Мелкомб во Дорсет, а подоцна и за Таунтон (во 1586 година). Во тој период, Бејкон почнал да покажува знаци на симпатија кон пуританство, присуствувајки на проповедите на пуританскиот старешина на Грејс Ин и придружувајки ја неговата мајка во Храмовата купола, каде го слушал Валтер Траверс. Во 1586 година, тој отворено го поттикнал погубувањето на шкотската кралица Мери. За ова време, тој повторно побарал помош од неговиот моќен чичко, на што веројатно се должи неговиот брз напредок во адвокатурата. Така, Бејкон станал член на адвокатската комора во 1586 година, следната година бил избран за предавач. Во 1589 година бил наименуван за помошник-судија, иако формално ја добил канцеларијата во 1608 година, при што ова работно место му носело приход од 16.000 фунти, годишно.

Биографите на Бејкон продолжуваат да дебатираат за сексуалните склоности на Бејкон и точната природа на неговите лични односи.[4] Некои аналитичари сметаат дека и покрај неговиот брак, Бејкон беше привлечен пред сè од мажи.[5][6] Форкер,[7] кој ги истражувал "историски документираните сексуални преференции" и на Кралот Џејмс и на Бејкон, заклучил дека се ориентирани кон "машка љубов", современ термин кој се користел за сексуалната ориентација на мажите кои го претпочитале сопствениот пол.[8] Џон Обри го нарекол хомосексуалец кој имал "Ганимеди".[9] Сер Симондс Д'Иус имплицирал дека се планирало Бејкон да оди пред суд бидејќи бил обвинет за хомосексуалност,[10] како и неговиот брат Ентони Бејкон.[11]

Политичка кариера

[уреди | уреди извор]
Портрет на Алис Барнхам, сопругата на Бејкон

Поголемиот дел од својот живот Бејкон го поминал за време на владеењето на кралицата Елизабета I од династијата Тудор, а втората половина од животот го поминал за време на кралевите Џејмс I и Чарлс I од династијата Стјуарт, во периодот кога почнала борбата меѓу новопојавената буржоазија и кралот. Во таа политичка борба Бејкон застанал на страната на кралот, зашто неговиот татко Николас Бејкон ја извршувал должноста на Лорд-чувар на големиот државен печат на кралицата Елизабета. Но, раната смрт на татко му (во февруари 1579 година) го принудила Френсис Бејкон самостојно да се пробива во животот.[12]

Положбата на Бејкон се поправила откако се запознал со Роберт Деверо, вториот гроф од Есекс, миленикот на кралицата Елизабета, при што од 1591 година делувал како негов советник. Бејкон го добил третото парламентарно место за Мидлсекс, кога во февруари 1593 година Елизабета го повикала парламентот да го испита Римокатоличкиот заговор против неа. Тогаш, по обвинувањата на противниците, тој за кратко време бил исклучен од кралскиот двор. Во 1594 година, кога се ослободило местото за народенправобранител, влијанието на лорд Есекс не било доволно да се прифати кандидатурата на Бејкон, а тој не успеал да го добие ниту пониското место на заменик-јавен обвинител во 1595 година. За да го утеши за овие разочарувања, лордот Есекс му го подарил имотот во Твикенхам, што подоцна Бејкон го продал за 1.800 фунти. Во 1596 година, Бејкон станал советник на кралицата, но и во текот на следните неколку години, неговата финансиска состојба останала лоша. Неговите пријатели не можеле да му најдат поволна јавна функција, а замислата за брак со богатата и млада вдовица, лејди Елизабета Хатон не успеала, откако таа го прекинала нивниот однос и прифатила брак со побогат човек. Во 1598 година Бекон бил уапсен поради неговите долгови, но подоцна неговата позиција во очите на кралицата се подобрила и постепено, особено кога тој ги прекинал врските со лордот Есекс, бил погубен за предавство во 1601 година. Тогаш, Бејкон бил назначен да ги испита обвинувањата против лордот Есекс и за да се оправда себеси тој напишал декларација за предавството на лордот. За таа улога во процесот против лордот Есекс, Бејкон добил подарок – пари од казната на еден од соучесниците на лордот Есекс, во износ од 1.200 фунти.

Иако за време на кралицата Елизабета бавно напредувал во службата, по доаѓањето на власт на Џејмс I, Бејкон започнал забрзано да напредува. Во 1603 година, тој бил прогласе за витез, следната година стапил во брак со Алис Барнхам, а во јуни 1607 година конечно му била доделена функцијата на јавен обвинител. Сепак, и покрај големите приходи, поради старите долгови и расипничкиот начин на живеење, тој останал во лоша финансиска положба. Во 1610 година започнала четвртата седница на првиот парламент на кралот Џејмс при што дошло до судир меѓу кралот и членовите од долниот дом, така што парламентот бил распуштен во февруари 1611 година. Во текот на овој период Бекон останал на страната на кралот и во 1613 година конечно бил назначен за јавен правобранител. Како јавен обвинител, Бекон кривично го гонел лордот Сомерсет во 1616 година.

Во 1617 година, Бејкон станал чувар на големиот државен печат, во 1618 година станал лорд-канцелар и барон, а во 1621 година бил прогласен за виконт од Сент Албанс. Така, тој го достигнал врвот во својата кариера, но истата година, врз основа на обвинение дека примил мито, тој бил отпуштен од службата и од парламентот, а исто така бил осуден на парична казна и бил затворен. По два дена, тој бил ослободен од затворот, а глобата ја платил кралот и подоцна казната му била простена и му било дозволено да се врати во парламентот. Сепак, тој никогаш повеќе не се вратил во политиката, туку остатокот од животот го поминал во научна работа. Бејкон умрел на 9 април 1626 година, како последица на настинката што ја добил едно студено пролетно утро, вршејќи експерименти со конзервирање храна со помош на снег. Подоцна, низ вековите се водела бурна расправа за карактерот на Бејкон при што некои сметале дека бил чесен човек и пожртвуван научник, а други сметале дека бил расипан и алчен политичар кој ги користел сите можни средства за да дојде до власт и до пари. На пример, познато е дека тој застанал на страната на кралицата Елизабета во пресметката со нејзиниот миленик грофот Есекс, кој претходно му направил бројни услуги на својот пријател Бејкон.[12]

Споменик на Бејкон во црквата Св. Михаил, во местото Сент Албан.

Философските погледи на Бејкон

[уреди | уреди извор]
Френсис Бејкон, Sylva sylvarum

Обновата на науката

[уреди | уреди извор]

Насловот на главното, но недовршено дело на Бејкон е „Големата обнова“ (Instauratio magna). Во ова дело, Бејкон ја критикува лошата состојба во науката и во филозофијата и ја образложува потребата од нивната обнова. Според него, додека механичките вештини постојано напредувале, науката и филозофијата стагнирале веќе два века, тврдејќи дека тие напредувале подобро во времето на нивните први творци. Притоа, здравите и плодни почетоци на науката и филозофијата тој ги поврзува со старите грчки филозофи, како: Емпедокле, Анаксагора, Леукип, Демокрит, Парменид, Хераклит итн., додека почетоците на пропаѓањето на науката и филозофијата ги лоцира кај Платон, Аристотел и Зенон, сметајќи дека тие се основачи на реторската мудрост, која е зборлеста и вешта во дискусијата, но бесплодна во животната пракса. Според Бејкон, причините за одржувањето на таа бесплодна мудрост се:[13]

  • ограниченото време што било поволно за развој на науката,
  • потценување на „големата мајка на науките“ (природната филозофија),
  • непостоењето луѓе кои целосно би се посветиле на изучувањето на природната филозофија,
  • погрешно одредување на целта на науката,
  • погрешниот метод во научното истражување,
  • бесмислено покорување пред авторитетот на „старите“,
  • самозадоволство од постигнатите резултати,
  • вечниот противник на природната филозофија („празноверието и слепиот и неумерен религиозен жар“),
  • постоечките школи, академии и другите научни и педагошки друштва и институции, кои го убиваат секое самостојно и неконтролирано мислење,
  • слабото наградување на научната дејност,
  • скептицизмот и губењето на вербата во човековата спознајна можност итн.

Делото „Големата обнова“ требало да има шест дела. Првиот дел, со наслов „Поделба на науките“ (Partitiones scientiarum) требало да даде систематски преглед на тогашната состојба на науката, но Бејкон не успеал да го заврши, туку оставил само еден фрагмент, со наслов „Опис на интелектуалниот свет“ (Descriptio globi intellectualis), напишан во 1612, а објавен во 1653 година. Како замена за недовршениот прв дел, во 1623 година го објавил ракописот „За вредноста и напредокот на науката“ (De dignitate et augmentis scientiarium) кој претставува латински превод на преработката на едно негово дело, објавено во 1605 година, со сличен наслов, на англиски јазик. Вториот дел, „Нов органон или упатства за толкување на природата“ (Novum organum, sive indicia de interpretatione naturae), требало да го реши проблемот на спознајниот метод на новата наука. Главниот дел од него Бејкон го завршил и го објавил во 1623 година, а првата скица се појавила во 1612 година, со наслов „Мислења и погледи“ (Cogitata et visa). Третиот дел, наречен „Појавите во светот или природна и експериментална историја заради основање на филозофијата“ (Phenomena universi sive historia naturalis et experimentalis ad condendam philosophiam) бил замислен како историски преглед на сите појави во светот. За овој дел, Бејкон подготвил повеќе трудови, од кои некои успеал да ги објави за време на животот, додека некои биле објавени дури по неговата смрт, како што се: „Историја на ветриштата“ (Historia ventorum) од 1622 година, „Историја на животот и смртта“ (Historia vitae et mortis) од 1623 година, „Историја на густото и реткото“ (Historia densi et rari) од 1658 година, „Шума над шумите“ (Sylva sylvarum) од 1627 година итн. Во чевтриот дел, „Скала на разумот“ (Scala intellectus) требало да даде пример на истражувањето според Бејконовиот метод, а петтиот дел, „Предвесници или антиципации на втората филозофија“ (Prodromi sive anticipationes philosophiae secundae) би требало да даде една привремена филозофија врз основа на дотогашните спознаени факти. Овие два дела биле замислени како премин од третиот кон шестиот дел, „Втората филозофија или активно знаење“ (Philosophia secunda sive scientia activa), којшто бил замислен како круна на целокупното научно истражување. Меѓутоа, за четвртиот и петтиот дел постојат само некои предговори и мали фрагменти, за кои не е јасно дали Бејкон ги предвидел токму за тие делови. Шестиот дел, пак, Бејкон воопшто не го започнал бидејќи, како што кажува во предговорот, тој потфат ги надминува неговите сили и него може да го спроведат само „судбината или среќата на човечкиот род“ (generis humani fortuna).[14]

Поделба на науките

[уреди | уреди извор]

Во неколку свои расправи, кои требало да претставуваат замена за недовршениот прв дел на „Големата обнова“, Бејкон ги изложил своите сфаќања за класификацијата на науките. Притоа, слично на Аристотел, Бејкон ги комбинирал субјективниот и објективниот принцип, при што, главната поделба на науките ја извршил според субјективниот принцип, додека натамошното расчленување го направил врз основа на објективниот принцип. Меѓутоа, неговиот субјективен принцип се разликува во споредба и со Аристотел и со Платон. Како Платон, Бејкон тгрнал од принципот на раличност на духовната моќ, но за разлика од Платон, тој сметал дека волјата не може да претставува основа за поделба на науките, зашто волјата не е спознајна духовна моќ. Наспроти тоа, според Бејкон, науките може да се поделат само врз основа на интелектуалните духовни функции, како што се: паметење (memoria), фантазија (phantasia) и разум (ratio). Оттука, Бејкон ги поделил науките на: историја (која почива врз паметењето), поезија (која е заснована врз фантазијата) и филозофија (која с етемели врз разумот). Натамошната поделба на науките Бејкон ја извршил врз основа на предметот на проучувањето. Така, предметот на филозофијата е троен: Бог (Deus), природата (Natura) и човекот (Homo), така што таа се дели на природна теологија, филозофија на природата и антропологија. На овие три дисциплини им се придружува и philosophia prima која, според Бејкон, е „заедничка мајка на сите“ и „универзална наука“, така што таа е зачеток на теоријата на спознанието, а не метафизиката (онтологијата) како прва филозофија според Аристотел. Бејконовата класификација на науките претставувала голем чекор напред во споредба со сфаќањата на Платоновата, Аристотеловата и схоластичката класификација, така што била општоприфатена во текот на 17 и XVIII век, а со мали измени неа ја прифатиле и Д'Аламберт и Дидро.[15]

Целта на научното истражување

[уреди | уреди извор]

Ставовите на Бејкон за целта на научното сознание најјасно се изразени во предговорот на „Големата обнова“ и во првиот дел на „Нов органон“, но тие се присутни и во другите негови дела. Во тој поглед, Бејкон истакнува: „Невозможно е правилно да се трча на трката, ако целта не е правилно поставена и одредена.“ Спротивно на Аристотел, кој сметал дека највредно е она сознание кошето е цел самото на себеси и коешто не служи за никаква практична полза, Бејкон тврди дека вистинската цел на секоја наука е практичната полза. Така, во „Новиот органон“ тој вели: „Вистинската и правилната цел на науката не е ништо друго, туку човечкиот живот да се снабди со нови пронајдоци и добра.“ Исто така, во повеќе други дела, тој повторува дека целта на науката е „да им служи на човечките добра“ (commodis humanis inservire), „со успех да служи на тоа да се отстранат тешкотиите на човечкиот живот“ (tefficaciter operari ad sublevanda vitae humanae incommoda), „постојано да го збогатува човечкиот род со нови дела и сили“ (genus humanum novis operibus et potestatibus continuo dotare) итн. Притоа, под практична корист Бејкон не ја подразбира користа на некој поединец или група луѓе, туку мисли на човештвото, воопшто. Исто така, тој не мисли на секоја сегашна, непосредна корист, истакнувајќи дека за развојот на науката е штетно „да се трча по златни јаболка“, зашто има вистини кои денес се потполно бескорисни, но кои може да бидат „бескрајно корисни подоцна“. Затоа, не треба да се тежнее кон површни вистини кои веднаш носат некоја полза, туку кон оние коишто подлабоко ги откриваат тајните на природата, т.е. „делата треба да се прават повеќе како залог кон вистината, отколку заради удобен живот“. Според неговите зборови, треба да се бараат светлосни експерименти (experimenta lucifera), а не плодоносни (fructifera).[16]

Методот на научното истражување

[уреди | уреди извор]

Своето учење за методот Бејкон го изложил во делото „Нов органон“, во кое тој остро ја критикува схоластичката логика, обвинувајќи ја дека служи „повеќе за зацврстување на заблудите, кои се темелат врз вообичаените поими, отколку за истражување на вистината“. Главната задача на научниот метод е да ни овозможи вистинити и јасни поими, а тоа е можно само со помош на емпирискиот метод. Но, тоа не може да биде старата Аристотелова индукција по пат на едноставно набројување )per enumerationem simplicem), ниту пак индукцијата којашто од поединечните факти веднаш преминува на општи заклучоци, туку е потребна нова форма на систематска индукција која поаѓа од осетите и од поединечните факти и постојано се воздигнува кон најопштите заклучоци. Бејкон цврсто инсистира дека разумот не треба туку-така да скока од поединечните факти кон општите заклучоци, велејќи дека „на човечкиот разум не треба да му се дадат крила, туку подобро олово и тегови, за да спречат секаков скок и лет.“ Според тоа, Бејкон ја нагласува потребата да се пронајде нов вид индукција, но претходно треба да се исчисти човечкиот дух, т.е. треба да се пресметаме со „идолите“ — предрасудите, заблудите и лажните поими коишто се вгнездиле во човечкиот разум. Притоа, тој смета дека постојат четири вида идоли:[17]

  • Идоли на племето (idola tribus), т.е. заблудите коишто имаат корен во човечката природа. Тој вели дека „човечкиот разум е како нерамното огледало за зраците на нештата, кое својата природа ја меша со природата на нештата, па ја искривува и расипува“. Имено, често, човекот ги споредува нештата со себе и така носи погрешни заклучоци, а освен тоа, многу заблуди потекнуваат и од ограниченоста на сетилата, од влијанието на емоциите врз разумот, од наклонетоста на умот кон апстрактно мислење итн.
  • Идоли на пештерата (idola specus), т.е. заблудите на поединечниот човек. Имено, секој човек има свои посебни одлики, телесни и духовни, стекнати или вродени, т.е. „секој човек има своја посебна пештера, којашто ја крши и расипува светлоста на природата“, па тоа води кон заблуди и невистини.
  • Идоли на плоштадот (idola fori), коишто потекнуваат од тоа што луѓето живеат во заедница и се разбираат со помош на зборови, а зборовите настанувале стихијно низ вековите при што водат кон многу заблуди.
  • Идоли на театарот (idola theatri), кои се вовлекле во човечката душа „од разни филозофски догми, како и од погрешните закони на докажување“. Зборувајќи за нив, Бејкон ги дели сите дотогашни филозофи во три групи: рационалисти или софисти, кои сакаат да ја откријат вистината само преку размислување (на пример, Аристотел); емпиристи, кои извлекуваат заклучоци врз основа на случајно набљудување (како Хилберт); филозофи кои се под влијание на религијата или празноверието (како Питагора и Платон). Сите овие филозофии Бејкон ги отфрла како лажни.

Бејкон смета дека сите идоли „мора да бидат отфрлени и напуштени со цврста и свечена одлука и разумот мора да биде потполно ослободен и исчистен од нив“, но во предговорот на „Големата обнова“ признава дека искоренувањето на стекнатите идоли (idola theatri) е тешко, а искоренувањето на вродените идоли (останатите три групи) е невозможно. На тој начин, Бејкон само го посочил проблемот, но не понудил никакво решение. Навистина, на едно место, тој вели: „Останува само тие да се покажат и таа непријателска сила на разумот да се забележи и разобличи“, а луѓето да сфатат дека „разумот не може да суди поинаку, освен преку индукцијата во правилна форма“, но тоа никако не може да се смета за успешно решение, зашто то аподразбира дека душата најпрвин треба да се исчисти од идолите (значи, пред да се примени методот на индукција), а истовремено индукцијата е средство за чистење на душата. Меѓутоа, наспроти тоа, учењето на Бејкон за идолите е општествено прогресивно, зашто ги отфрла схоластичките предрасуди, како и филозофски плодно, зашто тој посочил на еден важен филозофски проблем.[18]

Учењето за спознавање на природата

[уреди | уреди извор]

Според Бејкон, основната задача на науката е да се спознае природата со помош на индуктивниот метод, а вистинското сознание е она во кое се откриваат причините на појавите. Тука, Бејкон ги дели причините на: материја, форма, дејствувачка причина и цел. Меѓутоа, тој смета дека целта е бескорисна и влијае негативно на науката; материјата и дејствувачката причина, онака како што обично се истражуваат, се само празни и бессодржајни нешта; а плодоносно е само спознанието на формата и на латентниот схематизам на телата и нивниот латентен процес. Притоа, под латентен схематизам, Бејкон мисли на внатрешната структура, внатрешната градба на телата, којашто може да се открие само со мисловна анализа, додека под латентен процес тој мисли на континуиран процес со којшто настануваат, се менуваат и пропаѓаат конкретните сложени тела, а кој најчесто поминува незабележан од осетите поради неговата континуираност и постепеност. Сепак, можноста за сознание врз основа на латентниот процес е многу ограничена, зашто тука станува збор за спознавање на „делумните и посебни навики на природата“, т.е. на „едноставното својство“ (naura simplex). До основните и општите закони на природата може да се дојде само со спознание на формата.[19]
Во учењето на Бејкон поимот на формата не е целосно определен. Тој е тесно поврзан со „едноставната природа“ или „едноставното својство“ при што под „едноставна природа“ Бејкон мисли на својствата на коишто може да се расчленат сите сложени тела, како на пример, боја, светлост, топлина, густина, тежина итн. Секое едноставно својство има своја форма, т.е. формите се најтесно поврзани со едноставниет својства во смисла дека секаде каде што постои некоја форма, таму постои и соодветна едноставна природа, а ако ја нема формата, тогаш исчезнува и нејзината природа. Најчесто, Бејкон ја изедначува формата со законот, како на пример во првиот дел на „Нов органон“, каде тој вели: „Треба повеќе да се проучува материјата, нејзината внатрешна структура и промените на структурата (ejus schematismi et meta-schematismi), чистото дејствување (actus purus) и законот на дејствувањето или движењето; зашто формите се измислици на човечката душа, ако како форми не се наречат тие закони на дејствувањето“. Слично на тоа, во вториот дел на „Нов органон“, Бејкон вели дека под форма не мисли на „формите и идеите кои се апстрактни или оние кои се неодредени или лошо одредени во материјата“, туку „законите (leges) и одредувањата (determinationes) на чистата дејност, кои ја уредуваат и творат некоја едноставна природа“. Притоа, според Бејкон, формата на топлината е исто што и законот на топлината, т.е. изразот „форма или закон“ се среќава на повеќе места во неговите дела.[20]
Меѓутоа, во делата на Бејкон може да се сретнат бројни изјави во кои тој формата ја смета за внатрешна суштина на нештата. На пример, тој вели дека „формата на нештото е самото нешто и нештото не се разликува од формата поинаку отколку што појавата (apparens) се разликува од постоечкото (existens), или надворешното од внатрешното, нештото во однос на човекот од нештата во однос на вселената (in ordine ad hominem et in ordine ad universum).“ Исто така, на друго место, каде ја дава првата дефиниција на формата на топлината, Бејкон нагласува дека се работи за онаа топлина „која ѝ припаѓа на вселената, а не само на осетот“ (ejus qui in ordine ad universum, non relativus tantumnodo ad sensusm). од овие изјави се гледа дека Бејкон прави разлика меѓу објективното и субјективното. Притоа, едноставната природа на нештата непосредно ја забележуваме со помош на сетилата и тие ни ги покажуваат нештата такви какви што се во односот кон нас. Процесот на откривање на формите е процес на продирање до објективната основа на тие својства, до објективните закони, т.е. до објективната суштина на појавите. Во тој поглед, Бејконовата разлика меѓу формата (која тој ја сметал за непроменлива и вечна) и природата е слична на Локовата разлика меѓу примарните и секундарните квалитети. Сепак, според некои историчари на филозофијата, Бејконовото учење за формата, едноставната природа и схематизмот е доказ дека тој не се ослобил од схоластиката.[21]

Учењето за индуктивниот метод

[уреди | уреди извор]

Според Бејкон, проучувањето на фомрите треба да се врши со помош на индуктивниот метод при што треба да се почне со составување три тебели:[22]

  1. Табела на постоењето и присутноста (Tabula essentiae et praesentiae), т.е. табела на предметите и појавите во кои е присутна природата чија форма ја бараме.
  2. Табела на отстапувањето или отсутноста во блиското (Tabula declinationis sive absentis in proximo), т.е. табела на предметите и појавите во кои таа природа ја нема, иако се многу слични на предметите и појавите од првата табела, во кои таквата природа постои.
  3. Табела на степените и споредбите (Tabula graduum sive comparativae), каде што се наведуваат примери во кои природата се наоѓа во помала или во поголема мера.

Врз основа на овие табели можеме да поставиме хипотеза, т.е. произволно да ја одредиме бараната форма. Ова прво одредување на формата, кое не е дефинитивно, Бејкон го нарекува „олеснување на разумот“ (permissio intellectus) или „прва берба“ (vindeminatio prima). Така, во „Новиот органон“ Бејкон ја истражувал формата на топлината како пример при што дошол до првиот резултат според кој топлината е вид движење во кое телото тежнее: 1) да се прошири и 2) да се поктрене, 3) а неговиот носител се ситните честички на телото, 4) кои се движат многу брзо. Меѓутоа, на овој начин се доаѓа само до првиот заклучок во истражувањето, а за тој да биде конечно потврден, истражувањето треба да помине уште низ девет фази, од кои Бејкон стигнал да ја обработи само првата фаза, и тоа многу опширно. Станува збор за проучувањето на „прерогативните инстанции“, т.е повластените примери кои ја откриваат врската меѓу формата и природата појасно од другите примери. Бејкон наведува 27 видови такви прерогативни инстанции, како на пример, „инстанциите на крстот“ (Instantiae crucis), кои ги нарекува одлучувачки и пресудни, а кои ги претставуваат примерите кои лесно го решаваат проблемот во случаите кога се колебаме меѓу неколку веројатни претпоставки. Иако останало недовршено, Бејконовото учење за индуктивниот метод извршило големо влијание врз натамошниот развој на логиката. На пример, Џон Стјуарт Мил, кој ги поставил четирите методи на индукција, само ги усовршил идеите на Бејкон дадени во неговите табели. Оттука, иако Бејкон не е творец на индуктивниот метод, тој го поставил него во обликот во кој денес се употребува во научното истражување. Сепак, во разработката на индуктивниот метод, Бејкон не го зел значењето на дедуктивниот метод кој, исто така, има улога во поставувањето на хипотезите и во проверувањето на експерименталните резултати.[22]

Значењето на Бејконовата филозофија

[уреди | уреди извор]

За филозофскиот придонес на Бејкон постојат различни мислења. Така, Карл Маркс го сметал Бејкон за „татко на англискиот материјализам и на сите модерни експериментални науки“. Од друга страна, според англискиот логичар Минто, Бејкон не им припаѓа на нововековните научници, туку тој е дел од спекулативните природословци од Средниот век, зашто направил делумен чекор назад кон учењето на Роџер Бејкон (Roger Bacon) и на Аристотел. Б. Петрониевиќ е уште поостар во критиката на Бејкон, тврдејќи дека тој не е „основач на емпиристичкиот правец во новата филозофија“, ниту „творец на новата емпиристичка индуктивна природна наука“, ниту воопшто дека е „научник или филозоф“, туку тој е само „филозоф на науката“ и дека е првиот кој „точно го формулирал индуктивниот метод“. Слично на него, Меколи (Macaulay) тврди дека Бејкон не е пронаоѓач на индукцијата и дека неговата анализа на индукцијата нема никаква важност, туку неговото значење е во тоа што точно ја одредил целта на филозофијата – подобрување на човечкиот живот. Од друга страна, според Гајо Петровиќ, значењето на Бејкон лежи во тоа што создал релативно заокружена материјалистичка филозофска концепција за обнова на науката.[23]

Политичките, моралните, религиозните и практичните погледи на Бејкон

[уреди | уреди извор]

Иако „Нов органон“ е најважното и најпознатото дело на Бејкон, неговото најпопуларно и најчитано дело е „Есеи, или совети политички и морални“, напишано со концизен и сликовит стил. Од мисловна страна, ова дело е мошне невоедначено, зашто содржи плитки и тривијални совети за тоа што треба да се види кога се оди на патување, како да се распоредат собите во куќата, како да се уреди градината итн., а истовремено обилува со длабоки мисли за бракот, за децата, за љубовта, за политикката итн. На пример, во него Бејкон дава совети за постигнување висока положба во општеството, велејќи дека „ако постојат партии, добро е човек да се добере до некоја додека се качува, а кога ќе го добие своето место, нека биде неутрален“;[24] дава совети за спречување на бунтовите, предлагајќи го следново средство: „...делење и растурање на сите партии и групи, кои се против државата и предизвикување непријателство или барем недоверба меѓу нив...“;[25] но, како прв лек против бунтовите го предлага отстранувањето на нивните материјални причини, т.е. сиромаштијата во земјата;[26] расправа за изборот на соработници („во опасни времиња покорисни се претприемчивите луѓе, отколку крепосните“);[27] дава совети за тоа како треба да се искористи пријателството, велејќи дека „човек тешко може да зборува за своите заслуги... а притоа да не изгледа нескромен...но, сето тоа изгледа убаво, кога ќе се чуе од устата на пријателот.“ [28][29]
Во ова дело, Бејкон ги искажува и своите погледи за општествените слоеви при што може да се види дека тој бил приврзаник на апсолутната монархија, тврдејќи дека „владетелите се како небесните тела, кои ги предизвикуваат добрите и лоши времиња.“[30] За благородништвото мислел дека е потребно во монархијата со цел да ја контролира власта на монархот, додека во демократијата е непотребно, но во секој случај е штетно ако е премногу бројно и ако има преголемо богатство, зашто со тоа го потиснува народот и го загрозува кралот. Затоа, Бејкон го сосветува владетелот да внимава на високото благородништво и да го користи ниското благородништво коешто, поради својата расцепканост, не е толку опасно. Понатаму, според него, трговците се артеријата на државната благосостојба, така што ако тие не напредуваат, не може да напредува ни кралството. Најпосле, Бејкон го сметал народот како еден од изворите на бунтовите. Во однос на религијата, Бејкон се изјаснил против атеизмот, но сметал дека тој е подобар од презноверието.[31]
Своите општествени идеали Бејкон ги изнесол во делото „Нова Атлантида“. Во таа замислена земја, општественото уредување е слично на она што постоело во тогашна Англија, но во неа постои висок степен на развој на природните науки и на техниката, а постојат многубројни откритија како резултат на експерименталното проучување на природата.[32]

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Essays (1597)
  • The Elements of the Common Law of England (1597)
  • A Declaration of the Practises & Treasons Attempted and Committed by Robert, late Earl of Essex and his Complices (1601)
  • Temporis Partus Masculus (The Masculine Birth of Time; 1603, недовршено)
  • De Interpretatione Naturae Prooemium (1603, недовршено)
  • Valerius Terminus of the Interpretation of Nature, with Annotations of Hermes Stella (1603, недовршено —објавено во 1734)
  • Cogitationes de Natura Rerum (Thoughts on the Nature of Things; 1604, недовршено)
  • Cogitationes de Scientia Humana (Thoughts on Human Knowledge; 1604, недовршено)
  • Francis Bacon His Apology, in Certain Imputations Concerning the late Earl of Essex (1604)
  • Certain Considerations Touching the Better Pacification and Edification of the Church of England (1604)
  • The Proficience and Advancement of Learning (1605)
  • Cogitata et Visa (Thoughts and Conclusions; 1607)
  • Redargutio Philosphiarum (The Refutation of Philosophies; 1608, published posthumously)
  • Inquisitio Legitima de Motu (1608?, published 1653)
  • De sapientia veterum liber (1609)
  • Descriptio Globi Intellectus (1612)
  • Thema Coeli (1612, published 1653)
  • The Charge of Sir Francis Bacon, Knight, the King's Attorney-General, Touching Duels (1614)
  • The Wisdom of the Ancients (1619)
  • De Principiis atque Originibus (1620, published 1653)
  • Novum Organum (1620)
  • The History of the Reign of King Henry the Seventh (1622)
  • Historia Naturalis et Experimentalis (1623)[27]
  • Apophthegms, New and Old (1625)
  • The Translation of Certain Psalms (1625)
  • New Atlantis (1626)
  • De Augmentis Scientiarium (1623)
  • Sylva Sylvarum (1623,објавено во 1627)
  • Scripta in naturali et universli philisophia (објавено во 1653)
  • Baconiana, Or Certain Genuine Remains Of Sr. Francis Bacon (објавено во 1679)
  1. „Sir Francis Bacon's Journals“. стр. 191. iUniverse, 2007.
  2. „Bacon, Francis (BCN573F)“. A Cambridge Alumni Database. University of Cambridge.
  3. Collins, Arthur (1741). The English Baronetage: Containing a Genealogical and Historical Account of All the English Baronets, Now Existing: Their Descents, Marriages, and Issues; Memorable Actions, Both in War, and Peace; Religious and Charitable Donations; Deaths, Places of Burial and Monumental Inscriptions [sic]. Printed for Tho. Wotton at the Three Daggers and Queen's Head. стр. 5.
  4. See opposing opinions of: A. L. Rowse, Homosexuals in History, New York: Carroll & Garf, 1977. page 44; Jardine, Lisa; Stewart, Alan Hostage To Fortune: The Troubled Life of Francis Bacon Hill & Wang, 1999. p. 148; Nieves Mathews, Francis Bacon: The History of a Character Assassination, Yale University Press, 1996; Ross Jackson, The Companion to Shaker of the Speare: The Francis Bacon Story, England: Book Guild Publishing, 2005. pages 45 – 46
  5. A. L. Rowse, Homosexuals in History, New York: Carroll & Garf, 1977. page 44
  6. Jardine, Lisa; Stewart, Alan Hostage To Fortune: The Troubled Life of Francis Bacon Hill & Wang, 1999. p. 148
  7. Charles R. Forker, Masculine Love, Renaissance Writing, and the New Invention of Homosexuality: An Addendum in the Journal of Homosexuality (1996), Indiana University
  8. Journal of Homosexuality, Volume: 31 Issue: 3, 1996, pages 85–93, ISSN 0091-8369
  9. Oliver Lawson Dick, ed. Aubrey's Brief Lives. Edited from the Original Manuscripts, 1949, s.v. "Francis Bacon, Viscount of St. Albans" p. 11.
  10. Fulton Anderson, Francis Bacon: his Career and his Thought, Los Angeles, 1962
  11. du Maurier, Daphne (1975). Golden Lads: A Study of Anthony Bacon, Francis and Their Friends. London: Gollancz. ISBN 978-1844080731.
  12. 12,0 12,1 „David Hume“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 11-13.
  13. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 14-15.
  14. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 15-16.
  15. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 28-29.
  16. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 16-18.
  17. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 19-21.
  18. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 21-22.
  19. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 22-23.
  20. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 23-24.
  21. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 24-26.
  22. 22,0 22,1 „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 26-28.
  23. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 13-14.
  24. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 48.
  25. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 61.
  26. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 59.
  27. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 162.
  28. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 100.
  29. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 29-30.
  30. F. Bacon, Esei ili saveti politički i moralni. Novi Sad: Matica Srpska, 1952, стр. 75.
  31. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 30-31.
  32. „Francis Bacon“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 31.