Прејди на содржината

Пливање (спорт)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Пливачка)

Пливањето е спорт којшто вклучува натпреварување чија цел е да се преплива дадена далечина со самостојно придвижување нанапред во водата. Пливањето како спорт се практикува широко низ светот и е дел од модерните Олимписки игри со почеток во 1896 година. Заедно со други акватички дисциплини, како нуркање, синхронизирано пливање и ватерполо, спортот е раководен од Меѓународната пливачка федерација (ФИНА).

Во основа, пливањето може да се изведува во природни услови (море, езеро) или во базени (отворени или затворени). Најчесто, натпреварите се одржуваат во базен, со должина од 50 метри и со широчина од 21 метар, а тој е поделен на осум натпреварувачки патеки. Почетокот на натпреварот по пливање, со исклучок на грбното пливање, се изведува со скок од стартни блокови.[1]

Постојат повеќе пливачки техники (стилови), и тоа:[2]

  • краул — тоа е најбрзиот стил на пливање; за време на пливањето, пливачот е свртен со лицето надолу, паралелно со водата; со левата и со десната рака се прават наизменични, кружни движења, проследени со синхронизирана работа на нозете; притоа, меѓу две замавнувања со рацете, пливачот зема воздух вртејќи ја главата лево и десно, додека испуштањето на воздухот е во водата.
  • градно пливање — тоа е најбавниот стил на пливање; пливањето се изведува со движење на двете раце нанапред при што лактите треба да останат под водата; движењето на рецете е синхронизирано со движењето на нозете при што нозете се движат заедно така што се виткаат и со нив се замавнува силно со цел водата да се турне зад пливачот.
  • грбно пливање — во основа, овој стил е обратен на краул; притоа, тоа е единствениот стил на пливање кој започнува со старт од вода, наместо од стартниот блок; грбното пливање се изведува со кружни наизменични движења со рацете наназад и со синхронизирана работа на нозете.
  • делфин — тоа е најтешкиот стил на пливање за кој е потребна поголема сила на мускулите на целото тело; пливањето се изведува со истовремено движење на двете раце при што лактите излегуваат надвор од водата.
  1. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 93.
  2. Марјан Карапанџевски и Лидија Белческа Карапанџевска, Физичко и здравствено образование за VIII одделение во осумгодишно образование. Скопје: Министерство за образование и наука на Република Македонија, 2010, стр. 94-96.