Прејди на содржината

Мит

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Митови)
Балади на храброст (1877 година) дел од артурската митологија

Митгрчки збор што значи раскажување. Митот претставува склоп од еден или повеќе симболи, ставени во форма за искажување на расказ.

Мит претставува приказна за јунаци богови и херои. Митологија е збир од повеќе митови на една култура. Според авторството митот спаѓа во анонимното усно творештво.

Митот и литературата

[уреди | уреди извор]

Мит е куса епска творба. Митот е некоја претпоставка на која народот ѝ дава хипербола, поточно народот го прави митот полн со суштества и магии. Митот ја претставува културата на еден народ или на едно општество. Под мит често се подразбира лекција во форма на приказна што поседува длабока објаснувачка или симболичка резонанца за пред-литературните култури, кои ја задржуваат и слават мудроста на нивните предци низ усните традиции на вештите раскажувачи.

Литературата многу често ги презема темите и мотивите од митот и фолклорот. Всушност, литературата прво настанала како мит, потоа митот станал бајка, народна приказна. Низ текот на времето, митовите се видоизменуваат, и стануваат бајки, легенди и преданија. Со пренесувањето од колено на колено, митовите се основа за многубројни литературни преработки, и тогаш прераснуваат во книжевни митови.

Како свети приказни, митовите секогаш се однесуваат на некои клучни, кризни, трансформациски мигови на човечката судбина.[1] Митот е еден вид архетип на човечкото искуство со светот. На пример, митот го објаснува потеклото на племето и поставува табуа и забрани кои не смеат да се прекршат.

Илустрација за митското сиже во литературната приказна е старогрчкиот мит за Едип, несреќниот крал, кој го убива својот татко и се жени со својата мајка. Овој мит е зачуван до денес преку делата на грчкиот трагичар Софокле, кој инспириран од митот напишал две трагедии: „Цар Едип“ и „Едип на Колон“. Приказната и поуката содржани во овој мит се во врска со несвесните, потиснати желби и стравови во човечката душа. Пандан на ликот од овој мит во македонскиот фолклор е Болен Дојчин и неговиот инцестуозен однос кон сестра си, Ангелина.

Книжевни митови

[уреди | уреди извор]

Некои легендарни митови се пренесувани во разни национални литератури, и со текот на времето прераснуваат во вистински книжевни митови. Таков е случајот со германскиот легендарен јунак од 14 век, Тил Ојленшпигел, кој бил познат шегаџија.[2] Ликот и шегите на Ојленшпигел се среќаваат во фолклорот на Полска, Франција, Холандија, Белгија, како и во печатените книги. На пример, Белгиецот Шарл де Костер во 19 век овој јунак го претворил во бунтовник за слободата на Фламанците и борец против инквизицијата на црквата. Во Хрватска, пандан на Ојленшпигел е Петрица Керемпух, а во МакедонијаИтар Пејо и неговите итроштини и надмудрувања со Насредин Оџа.

Книжевен мит е мотивот за човекот кој му ја продал душата на ѓаволот, мит кој настанал под влијание на христијанството. Фауст е човек кој навистина постоел, а приказните за него најпрвин се прераскажувале како поучни црковни приказни, а потоа влегле во уметничката литература. Големиот германски поет и писател Гете речиси цел живот работел на своето епохално дело поврзано со ликот на Фауст, а за Фауст пишувале и Хенрих Хајне и Томас Ман. И денес во литературата е присутен мотивот за досегање на крајните граници во спознанието, иако не секогаш и името на Фауст.

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Група автори: „Македонски јазик и литература“, Просветно дело, 2006 г., стр. 129.
  2. Група автори: „Македонски јазик и литература“, Просветно дело, 2006 г., стр. 132.