Прејди на содржината

Мизар (музичка група)

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Мизар)
Мизар
Мизар во 1988 г., од лево кон десно: Борис Георгиев, Сашо Крстевски, Горан Таневски, Катерина Вељановска, Горазд Чаповски
Животописни податоци
ПотеклоСкопје, Македонија
ЖанровиПост-панк
Дарквејв
Готик рок
Период на активност1983–денес
ИздавачиHelidon
Avalon
СоработнициПадот на Византија
Архангел
Badmingtons
Мреж. местоwww.mizar.com.mk
Членови
Горазд Чаповски
Пеце Китановски
Зоран Ориѓански
Хор Хармосини
Поранешни членови
Панта Џамбазоски
Горан Трајкоски
Ристо Вртев
Борис Георгиев
Катерина Велјановска
Сашо Крстевски
Слободан Стојановски
Горан Таневски
Илија Стојановски
Жарко Серафимовски
Влатко Каевски

Мизар е македонска рок-група, основана во 1981 година[1] во Скопје, а првите членови на групата биле: Горазд Чаповски (гитара), Ристо Вртев (вокал), Илија Стојановски (бас гитара) и Панта Џамбазоски (тапани). Името на групата, Мизар, на арапски јазик значи: ѕвезда-водилка која на патниците им помага да не се загубат во пустината.

Историја

[уреди | уреди извор]

Деби-албумот на групата, насловен едноставно „Мизар“, бил снимен во 1988 година, со тогашните членови на групата: Горан Таневски (вокали), Горазд Чаповски (гитара), Борис Георгиев (тапани), Сашо Крстевски (бас гитара) и Катерина Велјановска (клавијатури). Продуцент на албумот бил Горан Лисица-Фокс. Албумот го донел незаборавниот хит „Девојка од бронза“. Групата снимила многу демо-снимки, а некои од нив се мошне различни од студиските верзии, како на пример, пократката верзија за „Градот е нем“ која, за разлика од студиската, е снимена само на македонски јазик. Во 1991 година, групата го објавила вториот албум „Свјат Dreams“ кој ја донел необичната обработка на „Sweet Dreams“ на Јуритмикс, обработката на народната „1762 лето“ и песната „Дом“ на Ристо Вртев, првиот пејач на Мизар, денес водач на Архангел. По снимањето на албумот, групата ја напуштил пејачот Горан Таневски, кој бил заменет од пејачката Нора. Со Нора е снимена и последната песна на Мизар - „The Fog“, која всушност претставува преработка на песната „Магла“, од првиот албум. Кон крајот на 1991 година, групата престаналаа со работа. Тогаш, Таневски се посветил на организација на концерти, Каевски ја обновил својата група „Cyborg“, a Чаповски заминал во Австралија, каде во 1993 година ја основал групата „Кисмет“.

По објавувањето на неколку албуми, во 1999 година, Чаповски се вратил во Македонија и продолжил да работи со „Кисмет“ и заедно со останатите членови на групата го поттикнале снимањето на дискот „Tribute To Mizar“ (2001) на кој песните на Мизар биле обработени од македонски алтернативни групи, како: Ден потоа, Синијак, Music Makers, Ataraxia, No Name Nation, Мајаковски, Brainless Genius и други. Издавачката куќа Lithium Records, во почетокот на 2003 година, повторно ги објавила првите две плочи на „Мизар“ (како компакт-дискови), кои содржеле и претходно необјавени демо и концертни снимки.

Второ откровение

[уреди | уреди извор]

Во почетокот, групата била повеќе ориентирана кон рок музиката. Но, во 1985 година, на местото на Ристо Вртев, како пејач дошол Горан Таневски, а како клавијатурист Слободан Стојановски. Истата година, групата снимила неколку демо песни и тргнала на југословенска турнеја, заедно со „Laibach“ и „Дисциплина кичме“. Тогаш, групата го променила и стилот, и под името „Мизар-второ откровение“ нудела музика заснована на старословенското пеење, македонскиот фолклор, византиската традиција и дарк-рокот.

Трето откровение

[уреди | уреди извор]

Во 2002 година се родила идејата за повторно собирање на групата поради спектакуларно службено збогување. Наскоро, тие се собрале под името „Мизар-трето откровение“, при што во групата се собрале сите музичари кои членувале во неа во различни фази. На почетокот на 2003 година година, „Мизар“ го објавил синглот „Почесна стрелба“, кој во многу кус период ги срушил сите рекорди на популарност. Албумот „Кобна убавина“ бил сниман од јануари до јули 2003 година, во студиото „Тралала“, под продуцентската палка на Горазд Чаповски и Горан Трајкоски, а бил мастериран во љубљанското „Метро“, од страна на Јанез Крижај.

По Трајкоски

[уреди | уреди извор]

Во летото 2006 година, Горан Трајкоски бил заменат со Горан Таневски. Во ноември истата година, „Мизар“ настапил во Белград и го најавил новиот албум со Таневски како пејач. Албумот „Поглед на цветната година“ бил завршен и објавен во 2007 година.

Четврто откровение

[уреди | уреди извор]

Во 2010 година бил објавен следниот албум на „Мизар“, насловен како „Детето и белото море“. Албумот е составен од 10 теми со мотиви од македонската милениумска звучна традиција, збогатена со старословенско пеење, македонски фолклор, византиска традиција и дарк звук. Албумот бил создаден со нов состав на групата, во кој, од оригиналните членови на групата, свирел само Горазд Чаповски. Инаку, во создавањето на албумот учествувал и македонскиот византиски хор „Хармосини“.

На 6 март 2014 година, групата настапила како предгрупа на концертот на „Симпл мајндс“ (Simple Minds), одржан во салата „Кале“, во Скопје. Исто така, Чаповски го најавил излегувањето на новиот албум, наречен „Шарена крава“, снимен во студиото „До-ре-ми“. Притоа, во новата постава на „Мизар“ биле и Зоран Ориѓански, Пеце Китаноски и Сашо Гигов - Гиш. На овој албум, групата им се вратила на рок-корените, ослободувајќи се од македонската традиционална музика и патриотизмот. Како прв сингл од албумот бил издадена песната „Indian summer“, а на песната „Небо“ гостувала пејачката Јана Бурческа, која претходно била дел од шоуто за музички таленти „Македонски идол“.[2]

Петто откровение

[уреди | уреди извор]

На 26. јуни 2015 година излегол документарниот филм „Мизар: Ѕвезда на надежта“, вклучувајќи интервјуа со првите членови на „Мизар“ и разговори за досега непознатиот период на групата: почетоците во 1981 до 1986 година. Пред документарниот филм, се сметало дека групата е основана во 1983 година. До ден-денес, Чаповски остана единствениот постојан член на „Мизар“ од основањето во 1981 година.

Документарни филмови

[уреди | уреди извор]

Во 2014 година е снимен краткометражниот документарен филм „Мизар - ѕвезда на надежта“ чиј автор е Марко Џамбазоски. Ова е воедно и првиот документарен филм за Мизар, кој го раскажува почетниот, можеби најнепознатиот период на Мизар, од 1981 година до снимањето на првиот албум во 1988 година. Филмот е заснован на сеќавањата на членовите на Мизар од тој период: Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Горан Таневски, Илија Стојановски и Слободан Стојков. Филмот беше прикажан на неколку интернационални филмски фестивали како што се: Стариград Пакленица (Хрватска), ДОРФ (Хрватска), Скопскиот филмски фестивал (Македонија), МакеДокс (Македонија), КРАФ (Србија) и други.

Покрај овој филм, за „Мизар“ се говори и во документарниот филм на Владимир Петровски - Картер, „Македонскиот рокенрол“, којшто сведочи за целокупната македонска рок сцена од нејзиното настанување па сè до 2000-тите години. Филмот беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал „Синедејс-М“ во Скопје.

Дискографија

[уреди | уреди извор]
  • 1988 - „Мизар“
  • 1991 - „Svjat Dreams“
  • 2004 - „Кобна убавина“
  • 2007 - „Поглед кон цветната градина“
  • 2010 - „Детето и Белото море“
  • 2022 - „Вечна празнина“

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. „„Мизар - ѕвезда на надежта" - документарен филм за Мизар“.
  2. „Водачот на „Мизар“ одушевен од Јана Бурческа", Дневник, година XVIII, број 5403, петок, 28 февруари 2014, стр. 19.

Поврзано

[уреди | уреди извор]