Прејди на содржината

Вештерка

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Вештерство)
Ханс Балдунг: Вештерки. Дрворез, 1508 г.

Вештерка — лице кое се занимава со примена на натприродни или магиски моќи, со цел да се повредат или да им се нанесе штета на другите луѓе. Поимот е изведен од англосаксонскиот збор „wicca“, што означува „мудар“. Вештерството обично се однесува на лоша или штетна магија, и често се смета за начин да се објасни некоја човечка несреќа преку обвинување на некој натприроден ентитет или познаник од заедницата.[1]

Верувањето во вештерки и неговата последица лов на вештерки, се среќаваат во многу култури ширум светот, а денес најмногу во Африка (во Банту културата), а историски најзабележително е во раниот модерен период на Европа, кога вештерките се сфаќани како ѓаволски заговор против христијанството. Тоа водело натаму кон големи судења на вештерките, посебно во германските земји.

Од средината на XX век, голем број на луѓе почнуваат да се идентификуваат со терминот „вештерка“, посебно во традицијата Вика. Гералд Гарднер вештерството го опишува како религија со претхристијански корени, односно еден вид на неопаганство).[2]

Во јужнословенска митологија

[уреди | уреди извор]

Вештерка е жена која со помош на магични, волшебни напитоци, масти или треви може да стекне натприродна зла моќ. Нивните дејанија кои секогаш биле обвиткани со вел на тајната по правило биле изведувани ноќе. Тие суштества на темнината особено се истакнувале по злата врз сопствените семејства и врз малите деца.

Вештерките секогаш биле опишувани како грди, стари и неуредни жени, можеле да се трансформираат во различни суштества; знаеле да се претворат во животни, според некои верувања кога вештеросана жена спиела нејзиното тело го напуштал вештерскиот дух и во облик на некое животно, пеперутка или црна птица летале низ просторот и смислувале најдолни зла. Кај М. Цепенков е опишан уште еден облик за кој се верувало9 дека вештерката може да го добие: “Сопрво огнот го видел како една силна ѕвезда и колку приближуал кон него, толку се ширел и најпосле се сторил колку една месечина кога ет полна. Отвори се чинело, на тркало како големата месечина и пак се затворало пак на тркало, ама се праело мало колку една педа и тогај одело како да летат на ветар и право идело на татка. -Де море, ал де- беше си рекол сам со себе- што ќе се чинит ал сега, кај ќе се бега од оваа вештица ѓаолцка!”[3]

Зло битие

[уреди | уреди извор]

Постоеле верувања дека вештерка станува жена која била зачната во зол час, или од луѓето кои не ги почитувале постите и полно општеле, поретко се верувало дека женското дете што е радено во плацента станува вештерка, а најчесто било сметано дека се работи за зли жени кои по сопствениот избор или под убедување на некоја друга вештерка самостојно одбираат да се занимаваат со злото и магијата. За магиската крема, напиток или трева со која тие стануваат вештерки[4] постојат многу преданија, дури и Његош во Горскиот венец низ монолиг на вештерката кажува за таа такна: “Ние имаме една трева/ во лонец ја вариме/ од лонец по ред се мачкаме/ и вештерки стануваме.” Според некои преданија од Херцеговина за изработка на волшебен крем вештерките користеле човечко сало, детска крв и магиски треви. Подготвената крема ја криле мошне вешто со магија во огништето така што таа била недостапна, секоја ноќ откога ќе заспиеле домашните таа со волшебни зборови ја ваделе и сета се премачкувала со неа.

Се верувало дека вештерките имаат тајни места на кои одржуваат тајни состаноци, договарајќи се за следните зла или фалејќи се со стореното. Како нивните тајни места се сметале местата под оревите, крушките, гумната, бунарите, но секогаш подалеку од селото и местата каде што се движат луѓето. Вештерките поминувале низ оџаци, низ клучалки, пукнатини во ѕидови и сл. На состаноците летале со метли, а некаде се верувало дека летаат и состанчат голи. Доколку некој од домашните успее да го открие местото каде таа ја чува волшебната крема и доколку ги запомни зборовите, може да се прикраде на местото на состанокот и да ги разоткрие вештерките.

Вештерките најчесто напаѓале напредни, силни деца, но неретко напаѓале и возрасни заспани луѓе. Се сметало дека таа имала способност со долгите силни нокти, или некаков метален предмет да ги отвора градите на луѓето и да го изеде нивното срце, а жртвите веднаш или наскоро починувале. Во Црна Гора, Херцеговина, Западна Србија постои верување дека вештерките напаѓаат само врз сопствениот род и дека на останатите не може да им наштети. Народната поговорка ”Се нафрлил како вештерка врз својот род” го потврдува ова верување. Постоело и верување, особено во Црна Гора дека жена која сака да стане вештерка мора прво да го “изеде” сопственото дете.

Во некои краишта се сметало дека очите на вештерката имале моќ да убиваат како стрели, особено се верувало дека тие со погледот стрелаат врз луѓето на коњ (Срем, Херцеговина), старите верувале дека вештерките вршеле помор на добитокот, дека се валкаале по житото мрсејќи го, се сметало дека носат градоносни облаци и силни ветрови за да им додеваат на луѓето.[3]

Заштита од вештерките

[уреди | уреди извор]

Од вештерките народот се заштитувал на најразлични начини, мошне често на децата не им се изговарани вистинските имиња, ги крстеле по имињата на ѕверовите или имињата кои симболизираат милост, вера и љубов. Се сметало дека вештерките најмногу напаѓаат на деновите на рамноденица, на први март, на поклади, па на тие денови посебно се водела сметка сите домашни да се премачкаат со лук чиј мирис вештерките не можеле да го поднесат, некаде под главата на домашните се ставал нож со црни корици, некаде се внесувал глогов колец во домот, а неретко некој од домашните останувал буден цела ноќ.

Во народот долго тлаела отворена борбата против вештерките, не со размери на инквизициските практики, но и кај нашите стари се запомнати каменувања, фрлања во бездна, горење на клада, давење во вода. Според нашите предци, доколку некоја жена признаела дека е вештерка веднаш се сметало дека магиската моќ е симнати од неа, таа само требало да се покае, да се помоли и да се заколне во вера и бога и станувала обичен член на заедницата.[3][5]

Вештерките се сретнувале под најразлични имиња: вештица, коњобарка, каменица, окамењеница, името да не ѝ се слушне, рогуља, рогуша, сркача и др. Во Македонија највеќе се сретнуваат називите: вештерка, вештица, маѓепсница,мамница,преземачка[6].

Вештерките како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • Вештица“ — роман на македонскиот писател Венко Андоновски од 2006 година.[7]
  • „Вештерката“ — кус расказ на британската писателка Џоана Волш од 2015 година.[8]
  • „Малата вештица“ — песна на македонскиот писател Славко Јаневски.[9]
  • „Вештерка“ (англиски: The witch) — американски филм на режисерот Роберт Егерс од 2015 година.[10]
  • Вештерки (хрватски: Vješticels) — хрватска рок-група, основана во 1987 година.[11]
  • „Во живо од судењата на вештерките“ (англиски: Live At The Witch Trials) — песна од истоимениот албум на британската рок-група Фол (The Fall) од 1979 година.[12]
  • „Вештерка“ (англиски: The witch) — песна на британската рок-група Калт (The Cult).[13]
  • „Запалете ја вештерката“ (англиски: Burn the witch) — песна на рок-групата Рејдиохед (Radiohead) од 2016 година.[14]
  • „Вештерка“ (англиски: The Witch) — песна од истоимениот музички албум на германската рок-група Ретлс (The Rattles) од 1970 година.[15]
  1. Pócs 1999, pp. 9-12.
  2. Margot Adler (1979) Drawing Down the Moon: Witches, Druids, Goddess-Worshippers, and Other Pagans in America Today. Boston: Beacon Press. pp. 45-47, 84-5, 105.
  3. 3,0 3,1 3,2 Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004 (ISBN 9989-918-97-X).
  4. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Три, Скопје,2004, стр. 79 - 81
  5. Александра Филиповска, Митски суштетства, Топер, Скопје, 2013, стр. 6-8.
  6. Танас Вражиновски,Македонска народна митологија, Матица Македонска, Скопје, 2002, стр. 238
  7. Венко Андоновски, Вештица, Култура, Скопје, 2006.
  8. Џоана Волш, Набави си муда: 9 и 1 / 2 бајки за секс. Скопје: Темплум, 2019, стр. 15-19.
  9. Славко Јаневски, Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми. Скопје: Темплум, 2014, стр. 52.
  10. IMDb, The Witch (2015) (пристапено на 24.5.2016)
  11. Vještice (пристапено на 11.12.2023)
  12. YouTube, The Fall - Live At The Witch Trials (1979) † (full album) (пристапено на 29.6.2017)
  13. THE CULT - THE WITCH - YouTube (пристапено на 24.5.2016)
  14. Radiohead - Burn The Witch - YouTube (пристапено на 24.5.2016)
  15. The Rattles - The Witch (Full album) (HI-FI) (Stereo) 1970 (пристапено на 15.3.2024)

Поврзано

[уреди | уреди извор]