Прејди на содржината

Чардак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Чардак во с. Мраморец
Стара македонска куќа во с. Маркова Сушица

Чардак — просторија карактеристична за традиционалната македонска куќа која претставува повеќенаменски полуотворен простор кој ги соединува останатите простории во куќата.

Употреба

[уреди | уреди извор]

Чардакот служи за седење во текот на денот, обавување на разни домашни работи, одмарање, одржување на веселби и како комуникациски содржини на куќата во вертикален правец (со останатите нивоа) и хоризонтален правец (на истото ниво со останатите простории. Чардакот најмногу се користел во летниот период, кога има најмногу домашни работи и кога воглавно се одржуваат сите семејни веселби.

Положба во однос на организацијата на станот

[уреди | уреди извор]

Положбата на чардакот е на највисокото ниво со останатите претставителни одаи, со поволна ориентација и прегледност кон околината. Чардакот има централна положба во однос на останатата содржина на просториите на истото ниво. Неговата форма и функција се одредуваат во зависност од останатите простории (одаја) на катот. Преку чардакот се остварува комуникација со останатите нивоа и со надворешниот простор. Врската на чардакот со дворното место е овозможена преку скалите на тремот и во приземјето.

Основни форми, содржина и опрема

[уреди | уреди извор]

Формата на чардакот е променлива во зависност од конструктивно функционалната шема на основата на објектот. Најчесто применувана форма е правоаголна (издолжена) или со неправилна форма:

  • правоаголната форма се јавува во бочна или во средишна положба;
  • неправилната форма на чардакот може да има положба од страна, по ширина на основата или по должина на основата.

Во однос на опремата, постојат неколку видови на чардак:

  • Најзастапен вид е без вградена опрема;
  • Со подигање на ниво на подната површина (за околу 30-50см ) со миндер или престол, во функција на дневен престој;
  • Повеќенаменски чардак за работа, спиење, примање на гости со вградени долапи.

Конструкција

[уреди | уреди извор]

Конструкцијата на надворешните ѕидови на чардакот во повеќето случаи е бондручна, поради можноста за формирање на прозорци кои се вклопуваат во конструктивниот систем. Од надворешната страна, фасадната обработка најчесто е изведена со вертикално поставени штици, што воедно и ја означуваат положбата на чардакот на фасадата, во однос на преостанатиот дел на куќата. Втора форма на надворешната обработка се состои од премаз од кал и слама или камен ѕид.

Површината на подот секогаш се формира со распоред на штици по должината или ширината на просторијата, во зависност од (носечката конструкција) правецот на главните греди на подната конструкција.