Прејди на содржината

Гордост и предрасуди

Од Википедија — слободната енциклопедија
Гордост и предрасуди (Pride and Prejudice)
АвторЏејн Остин
ЗемјаОбединето Кралство
ЈазикАнглиски
ИздавачT. Egerton, Whitehall
Издадена
28 јануари 1813

Гордост и предрасуди е роман од Џејн Остин. Овој роман ѝ е втор издаден роман, а напишан помеѓу 1796 и 1797 во Хемпшир, каде што Остин живеела. Првичниот наслов бил Прв впечаток, но бил преименуван во Гордост и предрасуди пред да биде издаден.[1]

Кратка содржина

[уреди | уреди извор]

Г. и г-ѓа Бенет се родители на пет немажени ќерки: Џејн, Елизабет, Мери, Кити и Лидија. Г-ѓа Бенет е опседната со тоа да ги омажи ќерките за богат човек, зашто по смртта на г. Бенет нивната куќа ќе му припадне на г. Колинс, нивен далечен роднина. На соседниот имот се доселуваат богатиот г. Бингли со неговата сестра, пријателот Фицвилијам Дарси, другата мажена сестра, г-ѓа Хрст и нејзиниот сопруг. На јавен бал, Г. Бингли е маѓепсан од Џејн и сериозно се вљубува во неа, додека, пак, Дарси одбива да танцува со Елизабет зашто мисли дека не е доволно убава. Елизабет случајно го слуша ова и ѝ се чини дека г. Дарси е многу горд човек.

По балот, Џејн добива писмо од г-цата Бингли во кое ја поканува на нивниот имот Недерфилд. Притоа, Џејн се разболува и мора да остане неколку дена таму. Елизабет ѝ доаѓа во посета. Во исто време, кај Бенетови доаѓа на посета г. Колинс, наследникот, којшто планира да се ожени за една од сестрите. Тој ја запросува Елизабет, но таа го одбива; малку подоцна, тој се свршува со пријателката на Елизабет, Шарлот Лукас. Во селото доаѓа војската и Елизабет му се додворува на г. Викам, од кој подоцна ќе дознае дека тој се знае со Дарси и дека Дарси го лишил од богатството коешто нему му припаѓало по смртта на таткото на Дарси. На големо изненадување на Џејн, Бингли оди во Лондон и таа добива писмо од г-цата Бингли дека најверојатно нема да се вратат.

Елизабет оди на посета кај Шарлот, а Колинс ги носи кај Кетрин де Бург, нивната заштитница. Таму го среќава Дарси, на кој малку време му треба да ѝ признае дека ја сака. Но Елизабет го одбива; го обвинува за несреќата на сестра ѝ Џејн, велејќи дека тој го набедил Бингли да ја остави Џејн, и за г. Викам, што го лишил од богатството. Малку подоцна, тој ѝ дава писмо во кое ѝ објаснува дека не е виновен ни за едното ни за другото.

Подоцна, Елизабет оди кај нејзините тетин и тетка, Гардинерови и заедно со нив оди во Пемберли, имотот на Дарси, мислејќи дека тој не е таму и дека наредниот ден ќе дојде со сестра му Џорџијана, но тој изненадно се појавува таму. Кога Дарси и Елизабет почнуваат да се зближуваат, Елизабет добива писмо од Џејн во кое ѝ кажува дека сестра им Лидија побегнала со Викам. Лизи се враќа дома, а набрзо доаѓаат Викам и Лидија венчани. Лидија случајно издава пред сестра ѝ дека Дарси ги нашол и бил присутен на нивното венчање. Откако Лидија и Викам си заминуваат, кај Бенетови доаѓа Кетрин, барајќи од Елизабет да се откаже од љубовта што ја чувствува кон Дарси, но Елизабет одбива. Леди де Бург оди кај Дарси и му открива дека Елизабет го сака. Потоа и Бингли се враќа во Недерфилд и запросува Џејн, а Дарси ја запросува Елизабет. На крајот се венчаваат.

Модерна популарност

[уреди | уреди извор]
  • Во анкетата на Би Би Си за „Најсаканите книги на Британците“ од 2003 година, романот Гордост и предрасуди бил на второ место, веднаш по Господарот на прстените.[2]

Во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Според романот се снимени повеќе филмови и ТВ-серии: првиот филм бил снимен во 1940 година, според сценариото на Олдос Хаксли (Aldous Huxley), а главните улоги ги играле Грир Гарсон (Greer Garson) и Лоренс Оливие (Laurence Olivier) при што филмот ја освоил наградата „Оскар“ за сценографија. Од поновите екранизации, најголема популарност стекнала серијата на Би-би-си од 1995 година во која глумел Колин Фирт, а која освоила повеќе награди, вклучувајќи ја и Prime Time Emmy. Исто така, голем успех постигнал и истоимениот филм на Џо Рајт од 2005 година со Кира Најтли во главната улога.[3]

  1. „The Works of Jane Austen“. Архивирано од изворникот на 2009-08-13. Посетено на 2009-08-11.
  2. „BBC - The Big Read - Top 100 Books“. May 2003. Посетено на 2008-05-12.
  3. Ponos i predrasude, britansko-francuski film (2005.) (пристапено на 10.6.2023)