Прејди на содржината

Мозочен удар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Преработка од 15:33, 4 ноември 2023; направена од 46.217.102.45 (разговор)
(разл) ← Претходна преработка | Последна преработка (разл) | Следна преработка → (разл)
Мозочен удар
СинонимиЦереброваскуларен инсулт
CT снимка која покажува исхемичен мозочен удар на десната мозочна полутопка (лева страна на сликата).
СпецијалностНеврологија
ЧестотаГрешка во Lua во Модул:PrevalenceData, ред 28: attempt to perform arithmetic on field 'lowerBound' (a nil value)

Мозочен удар, устрел, дамла, цереброваскуларен инсулт, шлог или апоплексија — престанок на функционирањето на одредени групи мозочни ќелии (оштетување на мозочниот паренхим), а настанува поради недостаток на хранливи материи и/или кислород. Недостатокот на овие материи се јавува како последица на нарушувањето на крвотокот заради зачепување на крвните садови или заради нивно прскање и излив на крв во мозочното ткиво или мозочниците. Со оглед дека мозочните ќелии не поседуваат резерви на хранливи материи и кислород, доаѓа до нивно распаѓање што клинички се манифестира со нарушување или испад на оние функции за кои се одговорни истите[1].

Мозочниот удар клинички се манифестира во вид на одземеност на поедини делови на телото, со нарушување на говорот, испад на поедини видови осети, пречки во координација на движењата и одот или разни психички испади и растројство на свеста, а во скоро 33% од случаите доаѓа до смрт. По процентот на смртност мозочниот удар се наоѓа на трето место, веднаш после болести на срцето и карцином. Последиците од мозочниот удар ја прават најголемата и најтешката група на инвалидност. Лицата кои доживеале мозочен удар во голема мерка се зависни од луѓето од окружувањето за задоволување на основните животни потреби. Ова е важно бидејќи е докажано дека човечкиот век се продолжува, а после 55-тата година од животот ризикот за појава на мозочен удара се удвојува во секоја наредна деценија од животот. Последните години мозочниот удар се јавува на сè порана возраст (по разни статистики 28% од заболените се помлади од 65 години). Заради тоа многу е битно рано забележување на знаци на мозочен удар, за да се намали смртноста и да се спречи инвалидитет.[2]

Името „апоплексија“ доаѓа од грчкиот збор ἀποπληξία што значи удира, додека името „шлог“ доаѓа од германскиот збор schlagen со истото значење. Апоплексија е застарен медицински термин кој денес се користи само во специфични состојби.

Етиологија

[уреди | уреди извор]
Пресек на мозок на кој се гледа зачепување на десната средна мозочна артерија и подрачјето на мозокот кое е погодено

Постојат два типа на мозочен удар:[3]

  • исхемиски и
  • хеморагиски (со крвавење).

Причина за исхемискиот мозочен удар е затнување на некој од артериските крвни садови на мозокот, најчесто со атеросклеротски материјал или крвно згрутчување кое потекнува од изменета каротидна артерија. Како последица на истото дел од мозокот останува без снабдување со крв која носи кислород, што доведува до смрт на клетки чии последици се невролошки дефекти или смртен исход.

Кај хеморагискиот мозочен удар доаѓа до излевање на крв во некој од ликворските простори во внатрешноста черепот или во мозочното ткиво со тешка клиничка слика заради притисок на мозочното ткиво, оток на околното мозочно ткиво и неповолни ефекти на разградните производи на крвта на тонусот на крвните садови на мозокот. До крвавење може да дојде од некоја од поситните артериски гранки, ненормална комуникација меѓу артериите и вените (артерио-венска малформација) или абнормално проширување на артериски крвен сад (интракранијална аневризма). Резултат на пукањето (руптурата) е интракранијално крвавење кое клинички се манифестира со исклучително силна главоболка која може, но не мора, на биде проследена со мачнина, повраќање, вкочанетост на вратот и невролошки промени.[4]

Исхемиски мозочен удар

[уреди | уреди извор]

При исхемиски мозочен удар, дотекот на крв во одреден дел на мозокот е намален или прекинат, што доведува до дисфункција на мозочното ткиво во зафатеното подрачје. Постојат четири причини заради кои истото може да се случи:

  1. Тромбоза (опструкција на крвна жила со локално формирано крвно згрутчување)
  2. Емболија (опструкција предизвикана со згрутчување кое настанало некаде во друг дел на телото)[1]
  3. Системска хипоперфузија (општо намалување на крвниот проток, на пр. при шок)[5]
  4. Венска тромбоза[6]

Мозочен удар без очигледна причина се нарекува „криптоген“ (со непознато потекло), и истиот претставува 30-40% од сите исхемиски удари.[1][7]

Постојат различни системи на класификација за акутен исхемиски мозочен удар.

Оксфордската или Бамфорд класификацијата (класификација Oxford Community Stroke Project) примарно се темели на првичните симптоми; на основа на проширените симптоми , мозочниот удар се квалификува како:

  • тотален антериорен циркулациски инфаркт (TACI),
  • делумен антериорен циркулациски инфаркт (PACI),
  • лакунарен инфаркт (LACI), или
  • постериорни циркулациски инфаркт (POCI)

Овие четири ентитети ја предвидуваат проширеноста на мозочниот удар, регијата на зафатеност, причината и прогнозата [8][9]. TOAST (Trial of Org 10172 - во третманот на акутниот мозочен удар) класификацијата е втемелена на клинички симптоми и резултати на досегашни истражувања; на таа база мозочниот удар се класификува како предизвика (1) од тромбоза или емболија заради атеросклероза на големата артерија, (2) емболија од срцево потекло, (3) зачепување на мала крвна жила, (4) останати детерминирани причини, (5) недетерминирани причини (две можни причини, неидентификувана причина или недоволно истражување)[1][10].

Хеморагиски мозочен удар

[уреди | уреди извор]
Интрапаренхимално крвавење во мозокот (бела зона означена со долна стрелка) со следечки едем (темна зона која ја опкружува).

Интракранијалната хеморагија (крвавење) е насобирање на крв каде било во внатрешноста на черепот. Постои разлика меѓу интрааксијалното крвавење (крв во внатрешноста на мозокот) и екстрааксијално крвавење (крв во внатрешноста на черепот, но вон мозокот). Интрааксијалното крвавење настанува заради интрапаренхималното крвавење (крв во мозочното ткиво) или интравентрикуларно крвавење (крв во вентрикуларниот систем). Главни видови на екстрааксијално крвавење се епидурален хематом (крв меѓу dure mater и черепот), субдурален хематом (во субдуралниот простор) и субарахноидално крвавење (меѓу арахноидејата и pia mater). Поголемиот број синдроми на хеморагиски мозочни удари имаат специфични симптоми (на пр. главоболка, претходна повреда на главата).

Симптоми

[уреди | уреди извор]

Знаците на предупредување за мозочен удар и за минлив исхемичен напад можат да бидат еден или неколку од следниве:

  • Слабост или парализа на лицето, раката или ногата
  • Лоша координација или рамнотежа
  • Тешкотии со зборување или разбирање
  • Тешкотии со голтање
  • Проблеми со видот (заматен вид, дупло гледање или губење на видот)
  • Здрвеност или губење на чувството по една стана на телото

Мозочниот удар претставува итен медицински случај. Какви и да се знаците на мозочниот удар, не треба да се занемарат и треба да се побара итна медицинска помош. Бидејќи, ако се почне со лечењето веднаш после појавата на симптомите, тоа може да ги подобри шансите за преживување и да ја намали тежината на ударот.

Негата после мозочниот удар може да вклучи нешто од следново:

  • Испитување за да се открие типот на мозочниот удар, местото на оштетување и колку бил сериозен ударот (поставување дијагноза).
  • Скенирање на мозокот што е можно побрзо што треба да помогне во одредувањето на дијагнозата.
  • Примање лекови за да се разреди грутката од крв (тромболиза). Тромболиза не се нуди секогаш, само мал број од луѓето можат да го примат овој третман бидејќи лекот мора да се прими во рок од многу кус временски период после мозочниот удар за да може тој да дејствува.
  • Снимање со ултразвук на артериите во вратот и срцето.
  • Тест на крвта за да се провери нивото на шеќерот и холестеролот.
  • Препишување лекови за да се намали крвниот притисок и холестеролот, како и таблети за намалување на ризикот од формирање грутки на згрутчена крв.

После мозочен удар може да се има проблеми со следниве:

  • Движење и одење
  • Голтање и јадење
  • Зборување, пишување и разбирање
  • Контрола врз мочниот меур или дебелото црево
  • Вид и чувство (целосно или само од една страна на телото)
  • Слух, вкус или мирис.
  • Емоционални и психолошки ефекти

Рехабилитацијата може да трае долг период зависно од степенот на мозочниот удар.

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Donnan GA, Fisher M, Macleod M, Davis SM (2008). „Stroke“. Lancet. svezak 371 (broj 9624): 1612.–1623. doi:10.1016/S0140-6736(08)60694-7. PMID 18468545.
  2. Проф. др Мирослава Живковић: Шта је мождани удар?
  3. „Brain Basics: Preventing Stroke“. National Institute of Neurological Disorders and Stroke.
  4. „Мождани удар“.
  5. Shuaib A, Hachinski VC (1991). „Mechanisms and management of stroke in the elderly“. CMAJ. svezak 145 (broj 5): 433.–443. PMC 1335826. PMID 1878825.
  6. Stam J (2005). „Thrombosis of the cerebral veins and sinuses“. The New England Journal of Medicine. svezak 352 (broj 17): 1791.–1798. doi:10.1056/NEJMra042354. PMID 15858188.
  7. Guercini F, Acciarresi M, Agnelli G, Paciaroni M (2008). „Cryptogenic stroke: time to determine aetiology“. Journal of Thrombosis and Haemostasis. 6 (4): 549.–554. doi:10.1111/j.1538-7836.2008.02903.x. PMID 18208534.
  8. Bamford J, Sandercock P, Dennis M, Burn J, Warlow C (1991). „Classification and natural history of clinically identifiable subtypes of cerebral infarction“. Lancet. 337 (8756): 1521.–1526. doi:10.1016/0140-6736(91)93206-O. PMID 1675378. -{Later publications distinguish between "syndrome" and "infarct", based on evidence from imaging. "Syndrome" may be replaced by "hemorrhage" if imaging demonstrates a bleed. See}- Internet Stroke Center. „Oxford Stroke Scale“. Архивирано од изворникот на 2008-10-25.
  9. Bamford JM (2000). „The role of the clinical examination in the subclassification of stroke“. Cerebrovascular Diseases. svezak 10 dodatak 4: 2–4. doi:10.1159/000047582. PMID 11070389.
  10. Adams HP; Bendixen BH; Kappelle LJ; Biller, J.; Love, B. B.; Gordon, D. L.; Marsh, E. E. (1993). „Classification of subtype of acute ischemic stroke. Definitions for use in a multicenter clinical trial. TOAST. Trial of Org 10172 in Acute Stroke Treatment“. Stroke. svezak 24 (broj 1): 35.–41. doi:10.1161/01.STR.24.1.35. PMID 7678184.[мртва врска]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Класификација
П · Р · П
Надворешни извори