Владимир Набоков
Владимир Набоков | |
---|---|
Роден/а | 10 април (22 април) 1899 Санкт Петербург, Руска Империја |
Починат/а | 2 јули 1977 Монтро, Швајцарија |
Псевдоним | Владимир Сирин, Вивиан Дамор-Блок (Vivian Darkbloom) |
Занимање | поет, писател |
Националност | |
Период | 1921—1977 |
Жанр | сатира, антиутопија, биографија |
Книжевно движење | модернизам, постмодернизам |
мрежно место | |
= [www.mochola.org/nabokov/index.htm mochola.org/nabokov www.mochola.org] |
Влади́мир Влади́мирович Набо́ков (објавувал дела и под псевдонимот Владимир Сирин; 10 април (22 април) 1899, Санкт Петербург, Руска Империја — 2 јули 1977, Монтро, Швајцарија) — руски и американски писател, поет, преведувач, книжевен публицист и ентомолог.
Набоков бил космополитски руски емигрант кој со извонредното познавање на неколку јазици, ерудицијата и контроверзната проза станал еден од најпознатите и најценети книжевници на 20 век. Самиот Набоков за себе рекол:
Јас сум американски писател роден во Русија и образуван во Англија, каде студирав француска литература откако петнаесетина години поминав во Германија.
Животопис
Владимир Набоков е роден на 22 април 1899 година во Санкт Петербург, како најстаро дете во богато аристократско семејство. Неговито дедо бил министер за правда во текот на осум години, служејќи им на два цара, додека татко му бил истакнат правник, либерал и член на првата руска дума. Неговото семејство било настроено англофилски, па Набоков научил да чита и пишува најпрвин на англиски јазик (покрај францускиот јазик), а дури потоа на руски. Во 1916 година, неговиот вујко му оставил голем имот, кој подоцна бил конфискуван од болшевиците. По Октомвриската револуција, кон крајот на 1917 година, семејството Набоков заминало во Крим, каде останало 18 месеци, а во 1919 година, преку Цариград и Атина, емигрирало во Англија. Таму, Набоков студирал на престижниот Тринити колеџ во Кембриџ при што на почетокот студирал ихтиологија (наука за птиците), а дипломирал на руска и француска книжевност. Годините поминато во Кембриџ (кои подоцна ги опишал во романот „Подвиг“) не му останале во пријатно сеќавање, зашто не можел да се навикне на туѓата средина. Така, во една прилика запишал: „Вистинската историја на мојот престој на англискиот универзитет е историјата на моите настојувања да ја задржам Русија... Под товарот на таа љубов, со часови седев крај каминот, а солзите ми навираа од притисокот на чувствата... и ме мачеше мислата за тоа колку пропуштив во Русија...“ А, во друга прилика го запишал следново: „Мојот копнеж по татковината само е хипертрофија на копнежот по изгубеното детство.“ Додека студирал во Англија, семејството на Набоков живеело во Берлин каде татко му бил уредник на рускиот емигрантски весник „Рул“. Во 1922 година, татко му на Набоков бил убиен на собирот на кадетската партија, додека се обидувал да го заштити водачот на партијата, Миљуков, од нападот на двајца руски екстремисти.[1]
Во 1923 година, Набоков се преселил во Берлин, а набргу по неговото доаѓање, мајка му заминала во Прага, заедно со помалите деца, додека тој останал во Берлин до 1937 година. Тој заработувал за живот давајќи часови по тенис, бокс, странски јазици, руска поезија итн., а истовремено пишувал бројни критички статии и составувал шаховски проблеми, а сето тоа го правел користејќи разни псевдоними (најчест бил Владимир Сирин со кој ги потпишал сите романи напишани за време на престојот во Берлин; сирин е име на митска птица во рускиот фолклор, еден вид сирена со птичја опашка). Според зборовите на Набоков, за време на животот во Берлин, тој не се дружел со Германците и поради тоа не го научил германскиот јазик. Меѓутоа, тој не бил многу близок ниту со рускиот книжевен круг така што бил сметан за елитист и нарцисоиден. Тој себеси се опишал на следниов начин: „Објективно говорејќи, никогаш не сум видел побистар, посамотен, порамнотежен и полуд ум од мојот“ и „Мислам како гениј, пишувам како истакнат автор, зборувам како дете“.[2]
Во 1925 година, Набоков се оженил со Вера Слоним со која останал во брак до крајот на животот. Во 1934 година им се родил синот Дмитриј (нивното единствено дете), кој подоцна станал оперски пејач и преведувач на неговите дела. Поради подемот на нацизмот, во 1937 година, Набоков се преселил со семејството во Париз, зашто Вера Слоним била Еврејка, а претходно ја посетил мајка си во Прага каде ја запознал Марина Цветаева. Во 1939 година умрела мајка му.[3]
Творештво
Книжевното творештво на Набоков е обемно и се состои од неколку стотини песни, 16 романи (осум напишани на руски и осум на англиски јазик), драми, преводи од руски и англиски, литературни критики и есеи. Тој бил под влијание на класичната руска и современите европски литератури, а во своите романи со многу фантазија и хумор ги спротивставува традиционалниот и модерниот систем на вредности. Поради безобразното отсликување на сексуалниот живот на своите јунаци, често го вбројувале меѓу порнографските писатели. Од дваесетте негови романи, ремек-дела се: „Дар„ (напишан на руски и објавен во 1938 год.), како и „Лолита“ (1955) и „Блед оган“ (1962), напишани на англиски. Исто така, тој е автор и на една од најдобрите автобиографии на англиски јазик — „Speak, Memory“,како и на многу стручни статии за пеперугите. Набоков стекнал светска слава дури во 1955 година, со објавувањето на романот „Лолита“ чија тема е опседнатоста на еден средовечен маж со 12 годишно девојче. За популарноста на романот придонел и филмот во режија на славниот режисер Стенли Кјубрик.
Својот настап на книжевната сцена Набоков го имал во 1916 година, кога ја објавил својата прва поетска збирка. Во 1923 година, по преселбата во Берлин, Набоков ги превел на руски „Алиса во земјата на чудата“, песни на Китс и Бодлер, а напишал и две поетски збирки - „Грозд“ и „Возвишениот пат“, како и неколку кратски драмски текстови. Својот прв роман „Машењка“ го објавил во 1926 година чие дејствие се одвива во Берлин; главниот јунак дознава дека неговата прва љубов доаѓа од Русија со нејзиниот сопруг и тоа го наведува да се сети на минатото. Во книгата, Набоков внесува филмска динамика, што е карактеристично и за неколку други романи од берлинскиот период. Во 1927 година ја напишал драмата „Човекот од СССР“, а во 1928 година се појавил неговиот втор роман „Крал, дама пуб“ кој е вистински авангарден, експресионистичко-експериментален роман. Со него, тој се претставил како инвентивен писател со раскошен талент и посебна смисла за хумор. Потоа, во 1929 година се појавила книгата „Враќањето на Чорбов“ во која се наоѓаат 15 раскази и 24 песни.[4]
Во 1930 година, Набоков го напишал романот „Лужиновата одбрана“, а една година подоцна и романот „Подвиг“ во кој вметнува многу епизоди од личниот живот. Во 1932 година го напишал романот „Камера опскура“ кој пет години подоцна го напишал повторно, овојпат на англиски јазик и со нов наслов - „Смеа во темницата“. Во 1934 година го објавил криминалистичко-психолошкиот роман „Очајување“, напишан во прво лице, како исповед на главниот јунак. Една година подоцна се појавил кафкијанско-гогољевскиот роман „Повик на погубување“. Во 1937 година го превел „Очајување“ на англиски јазик и истовремено го објавил својот осми роман напишан на руски, „Подарок“ во кој се поигрува со наследството на руската книжевност од 19 век. Во 1938 година ги објавил збирката раскази „Шпион“ и две драми: „Настан“ и „Изумувањето на валцерот“. Истовремено, на својот англиски издавач му го испратил романот „Смеа во темницата“. Во 1939 година го напишал недовршениот роман „Волшебникот“ кој е еден вид основа за „Лолита“. Следната година ги напишал првата глава на романот „Солус Рекс“, кој подоцна прераснал во романот „Под знакот на незаконито родените“, како и една глава за романот „Блед оган“.[5]
Набоков бил мајстор на стилот и на јазикот, а уметноста ја сфаќа како игра. За него, реалноста постои само во наводници, зашто низ пукнатините на стварноста се наѕира нова, уметничка стварност. Во таа смисла, тој изјавил: „Колку подолго живеам, сè повеќе сум уверен дека единственото нешто што значи во книжевноста е (помалку или повеќе ирационална) магијата на книгата, т.е. добриот писател е пред сè магионичар.“ Според зборовите на Буњин, „Набоков откри потполно нова вселена и за тоа треба да му бидеме благодарни.“[6]
Покрај со книжевноста, во текот на целиот живот Набоков се бавел и со лепидоптерологија (наука за пеперутките): уште во средношколските денови, тој ги проучувал пеперутките во петроградската област и во Крим, а подоцна и во Германија, Франција, Италија и Шоанија, а во САД дури открил нов вид пеперутка која го добила неговото име.[7]
Библиографија
Најважни дела на Набоков се:
- „Дар“ (роман, 1938)
- „Смеа во темнината“ (роман, 1938)
- „Лолита“ (роман, 1955)
- „Блед оган“ (роман, 1962)
- „Зборувај, меморијо“ (автобиографија)
Значење и влијание
Според романот „Лолита“ бил снимен филмот во режија на Стенли Кјубрик, а во 1997 година се појавила новата верзија во режија на Адријан Лин. Исто така, ликот на Лолита, девојче на прагот на созревањето во жена, станал дел од секојдневниот говор.
Наводи
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 181-182.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 182-183.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 183-185.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 181-184.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 184-185.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 184.
- ↑ „Vladimir Nabokov (1899-1970) Hronologija“, во: Vladimir Nabokov, Smeh u tami. LOM, Beograd, 2007, стр. 182.
|