Институт за класични студии
Институт за класични студии — една од најстарите студиски групи на Филозофскиот факултет — Скопје. Својата наставно-научна дејност ја почнува во првата половина на 1920-тите, во рамките на тогашниот Филозофски Факултет во Скопје — експозитура на Филозофскиот факултет во Белград. По Втората светска војна, тој станува дел од јадрото околу кое се формира македонскиот државен универзитет.
Историјат
Почетоци
Создавањето на Институтот за класични студии е тесно врзано со создавањето на Универзитетот во Скопје и неговото јадро — Филозофскиот факултет. Како една од првите шест наставно-научни единици на Историско-филолошкиот оддел при овој факултет, Институтот за класични студиија ја започнува својата дејност во 1946 година, како Семинар за класична филологија, со минимален наставен кадар (проф. д-р Михаил Д. Петрушевски и асистент Анастас Таховски). Основачот на Семинарот проф. Михаил Д. Петрушевски, воедно станува и прв декан на Филозофскиот факултет во периодот 1946-9 година. Како раководител, прво на Семинарот, а потоа на Катедрата за класична филологија, професорот Петрушевски создава солидна база за натамошен развој на наставно-научната дејност на Катедрата, снабдувајќи ја Семинарската библиотека со најнужната литература (текстови, прирачници, студии, лексикони, енциклопедии и сл.).
Во 1950 год. проф. Петрушевски е иницијатор за издавањето на научното списание од областа на класичните студии Жива Антика, единствено од овој вид на просторите на тогашна Југославија, при што станува негов главен и одговорен уредник. Ова списание континуирано се издава и денес. Во него објавуваат свои трудови значајни научници од земјата и од странство, а се дистрибуира во научните центри на сите континенти во светот. Поради тоа го има статусот на меѓународно научно списание, атестирано како такво од УНЕСКО. Преку размената на ова списание Институтот за класични студии остварува соработка со бројни сродни списанија од светот и на тој начин редовно и со најнови вредни наслови од областа се збогатува библиотечниот фонд на Институтот.[1]
До 1956 год. целокупната настава по фундаменталните предмети на Семинарот за класична филологија ја изведува професорот Михаил Д. Петрушевски во соработка со асистентот Анастас Таховски. Во тој период како гости во наставата се приклучуваат и професорите од Филозофскиот факултет] во Белград — проф. д-р Милан Будимир и проф. д-р Милош Н. Ѓуриќ. Во 1956 год. Семинарот прераснува во Катедра за класична филологија, кадровски подзасилена со изборот на д-р Богдан Стевановиќ, кој ја презема наставата по Историја на старогрчката и римска литература, на Елена Зографска како лектор по старогрчки јазик и на Петар Хр. Илиевски како асистент по Грчка и Латинска историска граматика. Во 1958 год. е избран и лектор по латински јазик — Борка Јосифовска.[2]
1960—1980
По докторирањето и изборот за доцент на Петар Хр. Илиевски (1961), се избираат уште два асистента: Јани Филовски — по старогрчки јазик и Љубинка Басотова — по латински јазик. Наставниот и помошнонаставниот кадар од Катедрата за класична филологија изведува настава и на другите катедри на тогашниот Филозофски факултет — за историја, за романска филологија и за албанологија, а се држат и курсеви по старогрчки јазик и компаративна лингвистика за наставниците и соработниците на Филозофскиот факултет кои пројавиле интерес за овие дисциплини.
Во академската 1959/60 година на Катедрата за класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје редовно се одржуваат научни состаноци, на кои се презентираат резултатите од научните истражувања на членовите на катедрата од областа на микенологијата — тогаш новата дисциплина во класичната филологија, анализа и критика на текстови, предавања од историјата на литературата, археологијата, митологијата, балканистиката и други. На ваквите состаноци присуствуваат и учествуваат и наставници од другите катедри на Факултетот, како и наставници по класичните јазици од средните училишта.
Почнувајќи од 1958 г. воспоставени се контакти на меѓународно ниво, така што наставниците од Катедрата за класична филологија учествуваат на повеќе меѓународни собири во многу европски земји (Германија, Англија, Бугарија, Италија, Шпанија, СССР, Словенија, Грција, Полска и др.), а пред наставниците и студентите од Катедрата со свои излагања гостуваат професори од странство (Грција, Романија, Бугарија, Полска, САД, Англија и др.). По донесувањето на законот за високо образование од 1977 год., Катедрата за класична филологија е преименувана во Наставно-научна група за класични студии, а од 1988 г. во Институт за класични студии.
Наставните планови и програми на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје од неговото основање во 1946 година се подложувани на неколкукратни корекции во функција на подобрување на квалитетот и ефикасноста на студирањето. Првичниот план и програми биле сообразени со наставните планови и програми на соодветните студии на другите универзитетски центри во тогашна Југославија. Нагласката на овие планови и програми била ставена врз изучувањето на класичните јазици (старогрчкиот и латинскиот, нормативна и историска граматика) и старогрчката и римската литература. Со текот на времето, тие се прошируваат со нови дисциплини, сродни со класичната филологија (историја на Стара Грција и Рим, археологија), како и со предметите филозофија, социологија, педагогија, психологија и сл.
Во 1977 година е направена ревизија на наставните планови, при што е понудена и можноста старогрчкиот и латинскиот јазик да се избираат како втор главен предмет на некои наставно научни студиски групи на Филозофскиот и Филолошкиот факултет (Историја, Историја на уметноста со археологија, Романска филологија и Албанологија). Подготвени се посебни наставни планови и програми за шестсеместрални студии (изучување на нормативните и историските граматики, како и на старогрчката и римската литература).
Со време, наставниот и соработничкиот кадар на Институтот за класични студии се зголемува и стекнувајќи пропишани квалификации се здобива со повисоки наставни звања: Професорот д-р Михаил Д. Петрушевски, основачот на Институтот и првиот декан на Филозофскиот факултет во Скопје, во 1957 година е избран за редовен професор; доцентот д-р Богдан Стевановиќ во 1961 година е избран за вонреден, а 1967 за редовен професор; д-р Петар Хр. Илиевски во 1956 година е избран за асистент, во 1960 година, по одбрана на докторатот за доцент, во 1966 е избран за вонреден, а во 1971 година за редовен професор. Асистентот Јани Филовски и Љубинка Басотова, во 1972 година се избрани за лектори по старогрчки и латински јазик, Љубинка Басотова во 1978 година е избрана за предавач по латински јазик, во 1982 година за виш предавач, а во 1994 година за вонреден, а во 1999 година за редовен професор по Нормативна латинска граматика. Лекторот Елена Зографска во 1971 година е избрана за предавач по Историја на старогрчката и римска литература, а во 1982 година за виш предавач по истите предмети. Лекторот Борка Јосифовска во 1969 година е избрана за виш предавач по одбраната на хабилитационен труд во 1974 година е унапредена во звањето вонреден професор по латински јазик. Во 1974 година за лектор по старогрчки јазик е избрана Елена Колева, која во 1984 година е избрана за предавач по предметот Античка литература, 1992 година, по одбраната на докторатот е унапредена во звањето доцент, две години подоцна за вонреден, а во 2000 година за редовен професор по истиот предмет.
1980—2009
Во осумдесеттите години на минатиот век се одвива процес на засилено кадровско зајакнување на Институтот за класични студии. Во 1980 година како помлад асистент е примена Маргарита Бузалковска која во 1985 година, по одбраната на магистерскиот труд е избрана за асистент и во ова звање, со одобрување на Наставно-научниот совет ја држи наставата и вежбите по Историските граматики на старогрчкиот и латинскиот јазик, по пензионирањето на академик проф. д-р Петар Хр. Илиевски во 1986 година, која по докторирањето во 1996 година е избрана за доцент, во 2001 година за вонреден, а во 2006 година за редовен професор. Во 1986 година во звањето асистент по Античка литература е избран Витомир Митевски, кој по докторирањето во 1990 година е избран за доцент, во 1995 година за вонреден професор по предметот Античка литература II, а во 2000 година за редовен професор. Во 2009 година е избран за член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1985 година како приправник, а следната година како помлад асистент е избрана Весна Томовска, која по одбраната на магистерскиот труд е избрана за асистент по Античка литература во 1991 година; по докторирањето во 2004 година е избрана за доцент, а 2009 година за вонреден професор. Во звањето лектор по старогрчки и латински јазик во 1986 година е избрана Даница Чадиковска.[3] Во 1987 година за помлад асистен е избрана Весна Димовска; по одбраната на магистерски труд и таа е избрана за асистент по предметот Нормативна латинска граматика, а по докторирањето во 2001 година е избрана за доцент, а 2006 година за вонреден професор.
Во 1993 година во звањето помлад асистент по Античка литература е избран Валериј Софрониевски, кој магистрира во 1996 година, кога е избран за асистент по старогрчки јазик; по докторирањето, во 2001 година е избран за доцент, во 2006 година за вонреден професор, а во 2010 година за редовен професор. Во 2001 година се примени двајца помлади асистенти:[4] Елена Џукеска по предметите Историска граматика на старогрчкиот и Историска граматика на латинскиот јазик, која во 2004 година е избрана за асистент, а во 2009 година, по докторирањето, за доцент по истите предмети и Ратко Дуев по предметот Античка литература, кој по магистрирањето во 2003 година е избран за асистент, а по докторирањето во 2010 година за доцент по предметите Античка митологија и Античка култура.
Напоредно со наставниот ангажман, вработените на Институтот пројавуваат и голема творечка научна дејност, која, според тематската ориентација профилира еден вид скопска школа по класична филологија. Тука се издвојуваат истражувањата на Аристотеловата теорија на литературата што ги започна проф. Михаил Д. Петрушевски; на нив се надоврзува проф. Елена Колева со својата докторска теза, а потоа се појавуваат и неколку преводни толкувања од областа на филозофијата и реториката на овој голем антички мислител. Посебен печат на Институтот му даваат истражувањата од областа на микенологијата, со кои, покрај проф. Михаил Д. Петрушевски, се зафаќа и проф. Петар. Хр. Илиевски. Со своите оригинални научни решенија, презентирани на светските научни собири, тие го раширија името на Институтот за класични студии на Филозофскиот факултет во Скопје како значаен центар за микенолошки студии, од кој произлегоа и помлади истражувачки кадри во и надвор од Институтот: проф. Маргарита Бузалковска Алексова, м р Миодраг Тодоровиќ и др. Во областа на античката филозофија и епската поезија се објавени истражувањата на акад. Витомир Митевски, а од теоријата на литературата истражувањата на проф. Валериј Софрониевски и проф. Весна Томовска.[5]
Последниве децении посебно е интензивирана преведувачката дејност. Една долга низа на класичари кои работат на Институтот или произлегле од него, објавија импозантен број преводи од класичната литература на македонски јазик. На тоа секако влијаеше личниот избор, но и условите што се наложија со осамостојувањето на Република Македонија. Беше потребно на македонскиот читател да му се овозможи пристап до капиталните класични дела на мајчиниот јазик, што во голема мера беше постигнато за релативно кус период. Посебно место заслужува појавата на универзитетските учебници, прирачници и наставни помагала од областа на класичната филологија, каде свои прилози даваат Елена Зографска, Даница Чадиковска, Витомир Митевски и Валериј Софрониевски. Во 2001 година од пазувите на Институтот излегува и капиталниот Латинско-македонски речник, со чиешто издавање конечно и македонскиот јазик станува дел од цивилизацискиот мозаик на двемилениумската заоставштина од лексикони на латински јазик. Девет години подоцна се појавува и првиот, развојно конципиран, Старогрчко-македонски речник, прво во книжовна, а потоа и во електронска (online) верзија.[6]
Во текот на деведесеттите години на минатиот век се преземени некои помали интервенции во наставниот план на класичните студии, при што затекнатото разграничување на старогрчката од римската литература е напуштено за сметка на современото презентирање на античката литература по видови: античка епика, лирика, филозофија, драма, историографија, реторика и др.
Со воведувањето на Европскиот кредит трансфер систем во 2004 година, се преземаат крупни промени во студиската програма. Задржани се носечките предмети на класичната филологија (во збиен блик), но се внесуваат и многу нови предмети со задолжителен, изборен и факултативен статус. На студиската програма тоа и' дава поголема динамичност, но и разновидност, а наедно отвора можност за понатамошни иновации и студиски проширувања согласно со потребите на високото образование во оваа област. По четиригодишниот период од воведувањето на новата студиска програма, се сумираат искуствата и резултатите од изминатиот период и се вршат значителни интервенции во студискиот курикулум, што резултира со нова, значително видоизменета студиска програма, чија примена стартува во учебната 2009/10 година.
Во 1997 година се обновуваат и постдипломските студии на Институтот, кои првобитно имаат две насоки: јазик и литература. Со воведувањето на европскиот кредит-трансфер систем, се преземаат темелни промени и на овој план, при што, покрај стандардните дисциплини од класичната филологија, во постдипломските студии се вклучува и студиска програма по византиска култура (литература, јазик и сл.). Зголеменото интересирање на запишаните кандидати за овие насоки ја покажува оправданоста од нивното постоење. Паралелно со најновите измени во додипломската студиска програма, се вршат промени и во постдипломската студиска програма по класична филологија, која стартува во почетокот на учебната 2009/10 година.
Од 1990 година наваму, при Институтот за класични студии се одбранети и девет докторски тези.
Дејност
Студии
Покрај додипломските студии, на Институтот се организирани постдипломски студии, како и докторски студии од областа на класичните науки. Дипломираните студенти се стекнуваат со звањето Дипломиран класичен филолог, додека со завршувањето на постдипломските, односно докторските студии со научниот степен Магистер по класична филологија, односно Доктор по класични науки.
Меѓундародни конференции
На планот на научната соработка Институтот за класични студии зема учество како соорганизатор на неколку значајни научни собири:
- 1. Прв научен собир Антика и античко наследство кај нас, одржан во Охрид од 15 до 19 септември 1977 година, на кој учествуваат класични филолози од сите републики на поранешната СФРЈ.
- 2. Осми меѓународен микенолошки колоквиум, одржан во Охрид од 15 до 20 септември 1985 година, на кој учествуваат микенолози од повеќе земји од светот.
- 3. Петти научен собир на Сојузот на друштвата за антички студии на СФРЈ Грчко-римската антика во Југославија и на Балканот, одржан во Скопје од 26 до 29 септември 1989 година.
- 4. Меѓународна конференција 50 години Жива Антика, одржанa во Охрид 4–8 декември 2000 година.
- 5. Меѓународен научен собир Класика-балканистика-палеославистика, одржан во МАНУ, Скопје 18–19 ноември 2005 година.
- 6. Меѓународен научен собир Антиката и европската наука и култура, одржан на Филозофскиот факултет во Скопје, 21–22 ноември 2006 година
- 7. Меѓународен научен собир Aeternitas Antiquitatis, одржан во Скопје, во рамките на Годишната конференција на EUROCLASSICA одржана во Скопје-Охрид, од 27 до 30 август, 2009 година, на која учествуваат класични филолози од дванаесет европски земји.[7]
- 8. Меѓународен научен собир 100 години од раѓањето на академик Михаил Д. Петрушевски, одржан во МАНУ, Скопје, 14-15 октомври 2011 година.[8]
Активности и членства
Наставниците и соработниците на Институтот за класични студии имаат објавено голем број научни и стручни студии во разни меѓународни научни списанија, книги, средношколски и универзитетски учебници. Членовите на Институтот се афирмирани во светот како врвни специјалисти во микенологијата (Академик проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, академик проф. д-р Петар Хр. Илиевски); учествуваат на бројни научни собири во земјата и странство со свои прилози. Тројца членови на Институтот проф. д-р Михаил Д. Петрушевски, проф. д-р Петар Хр. Илиевски и проф. д-р Витомир Митевски, за високите дострели во науката и уметноста се избрани за редовни членови на Македонската академија на науките и уметностите. Исто така, членови на овој Институт активно соработуваат со бројни научни институции: академик Михаил Д. Петрушевски бил член – редактор на списанието „Ваlkanika“, член на Југословенскиот комитет за балканологија, член на Центарот за балканолошки истражувања при АНУБиХ, на Меѓународниот одбор на Балканологија при Балканолошкиот институт на САНУ, член на Меѓународниот одбор за Речникот на средновековниот и нововековниот латинитет при ЈАЗУ, член на Меѓународниот комитет на ЕIRЕNЕ, главен и одговорен уредник на „Жива Антика“,[9] уредник на Прилози на МАНУ и др.; Академикот проф. д-р Петар Хр. Илиевски соработува со Катедрата за јужнословенски јазици, Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“, член е на Постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии при УНЕСКО, одговорен уредник на публикацијата „Словенска писменост“, главен и одговорен уредник на „Жива Антика“,[10] член на ЕIRENЕ, член на Центарот за балканолошки истражувања при АНУБиХ, соработник на Републичкиот завод за унапредување на образованието и воспитанието на Македонија; Вонредниот професор Борка Јосифовска е член на Интеракадемскиот одбор за антички натписи во поранешната СФРЈ, член на Таbula imperii Romani и член на Центарот за епиграфија и нумизматика во Белград.
Признанија
За големиот придонес на полето на науката некои членови на овој Институт се почестени со највисоки општествени признанија: Академикот проф. д-р Михаил Д. Петрушевски е двократен добитник на највисокото републичко признание, наградата „11 Октомври“ и тоа во 1971 година за животно дело, а 1976 година за препевот „Скендербег“ од Григор Прличев. Во 1982 година тој е добитник и на највисокото општествено признание во поранешната СФРЈ, наградата „АВНОЈ“ за животно дело. Академикот проф. д-р Петар Хр. Илиевски е исто така двократен добитник на наградата „11 Октомври“ и тоа 1972 година за студијата „Крнински дамаскин“ и 1990 година за животно дело и студијата „Балканолошки студии“. За значајните придонеси во преведувањето автори од антиката до ренесансата, проф. д-р Љубинка Басотова во 2001 година е добитник на наградата „Кирил Пејчиновиќ“,[11] а во 2006 година е добитник и на наградата „11 Октомври“.[12] Во 2008 година академик проф. д-р Витомир Митевски е добитник на наградата „13 Ноември“, за едицијата „Античка филозофија“.[13] За својот 40-годишен педагошки, научен и преведувачки ангажман, во 2009 година проф. д-р Елена Колева е добитник на наградата „Св. Климент Охридски“.[14] И други наставници на Институтот се носители на високи државни одликувања, како признание за својата дејност на наставен и научен план.
Активности врзани со средното образование
Институтот за класични студии постојано и активно соработува и со Републичкиот завод за образование и воспитание на Република Македонија, изготвува наставни програми по предметите Латински јазик и Старогрчки јазик за средното образование, организира разновидни семинари за перманентно усовршување за средношколскиот наставен кадар, секоја пролет подготвува и изведува републички натпревари по класични јазици што се одржуваат во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје, го инспектира изведувањето на наставата по латински и старогрчки јазик во средните училишта во Републиката и врши советодавна дејност во врска со наставата по класичните јазици.
Списанија
Покрај споменатото меѓународно научно списание од областа на класичните студии Жива Антика, во чиешто уредништво учествуваат членови на Институтот за класични студии, од 2002 година од пазувите на Институтот се појавува и електронското списание Systasis, кое дава значаен печат во афирмацијата на класиката и класичното образование кај нас.
Предмети што се изучуваат на Институтот
Додипломски студии
Во долните табели се дадени модулите и предметите што може да се изучуваат на првиот циклус студии на Институтот за класични студии.[15] Максималниот број на предмети по семестар изнесува пет (освен во првиот семестар), а изборот го прави самиот студент.
Класична филологија со еден од изборните модули (антички студии или византологија)
Задолжителен модул - Класична филологија
I семестар | II семестар | III семестар | IV семестар | V семестар | VI семестар | VII семестар | VIII семестар |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Античка митологија | Античка лирика | Античка драма | Античка филозофија | Античка реторика | Грчка историска морфологија | Класична археологија 1 | Античка историографија |
Античка епика | Историја на античкиот свет | Старогрчки јазик (напреден курс) | Старогрчки автори | Грчка историска фонетика | Латинска историска морфологија | Античка метрика и музика | Дипломска работа |
Старогрчки јазик (почетен курс) | Старогрчки јазик (продолжителен курс) | Латински јазик (напреден курс) | Латински автори | Латинска историска фонетика | Византиска книжевност | Изборен предмет од Листа бр.7а / бр.7б | Изборен предмет од Листа бр.8а / бр.8б |
Латински јазик (почетен курс) | Латински јазик (продолжителен курс) | Изборен предмет од Листа бр.3а / бр.3б | Изборен предмет од Листа бр.4а / бр.4б | Изборен предмет од Листа бр.5а / бр.5б | Изборен предмет од Листа бр.6а / бр.6б | Изборен предмет од Листа бр.7а / бр.7б | Изборен предмет од Листа бр.8а / бр.8б |
Изборен предмет од Листа бр.1а / бр.1б | Изборен предмет од Листа бр.2а / бр.2б | Изборен предмет од Листа бр.3а / бр.3б | Изборен предмет од Листа бр.4а / бр.4б | Изборен предмет од Листа бр.5а / бр.5б | Изборен предмет од Листа бр.6а / бр.6б | Изборен предмет од Листа бр.7а / бр.7б | Изборен предмет од Листа бр.8а / бр.8б |
Спорт и здравје |
Изборен модул - Антички студии
Листа бр. 1а | Листа бр. 2а | Листа бр. 3а | Листа бр. 4а | Листа бр. 5а | Листа бр. 6а | Листа бр. 7а | Листа бр. 8а |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Увод во класичната филологија | Секојдневниот живот во Хелада и Рим | Историја на античките Македонци 1 | Историја на Римската империја | Читање старогрчки текстови | Читање латински текстови | Микенската култура и линеарното Бе писмо | Дидактика на класичните јазици |
Антиката и европската култура | Рецепција на класичната култура | Грцизми и латинизми во македонскиот јазик | Античка сатира | Увод во грчка палеографија | Увод во латинска палеографија | Книжевна анализа на старогрчки текстови | Класична археологија 2 |
Антички религии | Увод во латинска епиграфика | Увод во грчка епиграфика | Античко говорништво | Новогрчки јазик | Јазична анализа на латински текстови | Хомер и линеарното Бе писмо | |
Античка поетика | Предмет од листата на УКИМ | Антички куси книжевни форми | Античка епистолографија | Средновековен латински јазик | Книжевна анализа на латински текстови | ||
Предмет од листата на УКИМ | Антички роман | Јазична анализа на старогрчки текстови | |||||
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ |
Изборен модул - Византологија
Листа бр. 1б | Листа бр. 2б | Листа бр. 3б | Листа бр. 4б | Листа бр. 5б | Листа бр. 6б | Листа бр. 7б | Листа бр. 8б |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Увод во класичната филологија | Историја на Византија | Византиска култура | Антички религии | Византиска уметност | Византиска филозофија | Византиска реторика | Византиска историографија |
Антиката и европската култура | Рецепција на античката култура | Грцизми и латинизми во македонскиот јазик | Византијци - приватен живот | Увод во грчка палеографија | Византиска нумизматика | Византиски автор | Дидактика на класичните јазици |
Античка поетика | Византиска археологија | Старословенски јазик | Новозаветен и византиски грчки | Книжевна анализа на старогрчки текстови | Новогрчки јазик | ||
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ | Средновековен латински јазик | Предмет од листата на УКИМ | Јазична анализа на старогрчки текстови | |||
Предмет од листата на УКИМ |
Старогрчки јазик и античка книжевност со еден од изборните модули (македонски јазик или француски јазик и книжевност)
Задолжителен модул - Старогрчки јазик и античка книжевност
I семестар | II семестар | III семестар | IV семестар | V семестар | VI семестар | VII семестар | VIII семестар |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Старогрчки јазик (почетен курс) | Старогрчки јазик (продолжителен курс) | Старогрчки јазик (напреден курс) | Старогрчки автори | Читање старогрчки текстови | Грчка историска морфологија | Античка реторика | Дидактика на класичните јазици |
Латински јазик (почетен курс) | Античка лирика | Античка драма | Античка филозофија | Грчка историска фонетика | Античка метрика и музика | Антиката и европската култура | Рецепција на класичната култура |
Античка епика | Секојдневниот живот во Хелада и Рим | Античка митологија | Античка историографија | Грцизми и латинизми во македонскиот јазик | Античка поетика | Книжевна анализа на старогрчки текстови | Дипломска работа |
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ | Изборен предмет од Листа бр. 3а / 3б | Изборен предмет од Листа бр. 4а / 4б | Изборен предмет од Листа бр. 5а / 5б | Изборен предмет од Листа бр. 6а / 6б | Изборен предмет од Листа бр. 7а / 7б | Изборен предмет од Листа бр. 8а / 8б |
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ | Изборен предмет од Листа бр. 3а / 3б | Изборен предмет од Листа бр. 4а / 4б | Изборен предмет од Листа бр. 5а / 5б | Изборен предмет од Листа бр. 6а / 6б | Изборен предмет од Листа бр. 7а / 7б | Изборен предмет од Листа бр. 8а / 8б |
Спорт и здравје |
Изборен модул - Македонски јазик
Листа бр. 3а | Листа бр. 4а | Листа бр. 5а | Листа бр. 6а | Листа бр. 7а | Листа бр. 8а |
---|---|---|---|---|---|
Правопис и правоговор со фонетика и фонологија на СМЈ | Морфологија на СМЈ | Зборообразување на СМЈ | Лексикологија со фразеологија на СМЈ | Синтакса на СМЈ | Лингвостилистика на СМЈ |
Старословенски јазик 1 | Старословенски јазик 2 | Дијалектологија на МЈ | Развој на македонскиот писмен јазик | Историја на МЈ (Историска граматика) | Балканска лингвистика |
Општа лингвистика | Преглед на лингвистиката | Психолингвистика | Социолингвистика | Семантика | Прагматика |
Изборен модул - Француски јазик и книжевност
Листа бр. 3а | Листа бр. 4а | Листа бр. 5а | Листа бр. 6а | Листа бр. 7а | Листа бр. 8а |
---|---|---|---|---|---|
Француски јазик 1 | Француски јазик 2 | Француски јазик 3 | Француски јазик 4 | Француски јазик 5 | Француски јазик 6 |
Граматика на францускиот јазик 1 | Граматика на францускиот јазик 2 | Граматика на францускиот јазик 3 | Граматика на францускиот јазик 4 | Граматика на францускиот јазик 5 | Граматика на францускиот јазик 6 |
Француска книжевност 1 | Француска книжевност 2 | Француска книжевност 3 | Француска книжевност 4 | Француска книжевност 5 | Француска книжевност 6 |
Латински јазик и античка книжевност со еден од изборниte модули (македонски јазик или француски јазик и книжевност)
Задолжителен модул - Латински јазик и античка книжевност
I семестар | II семестар | III семестар | IV семестар | V семестар | VI семестар | VII семестар | VIII семестар |
---|---|---|---|---|---|---|---|
Латински јазик (почетен курс) | Латински јазик (продолжителен курс) | Латински јазик (напреден курс) | Латински автори | Читање латински текстови | Латинска историска морфологија | Античка реторика | Дидактика на класичните јазици |
Старогрчки јазик (почетен курс) | Античка лирика | Античка драма | Античка филозофија | Латинска историска фонетика | Античка метрика и музика | Антиката и европската култура | Книжевна анализа на латински текстови |
Античка епика | Секојдневниот живот во Хелада и Рим | Античка митологија | Античка историографија | Грцизми и латинизми во македонскиот јазик | Античка поетика | Јазична анализа на латински текстови | Дипломска работа |
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ | Изборен предмет од Листа бр. 3а / 3б | Изборен предмет од Листа бр. 4а / 4б | Изборен предмет од Листа бр. 5а / 5б | Изборен предмет од Листа бр. 6а / 6б | Изборен предмет од Листа бр. 7а / 7б | Изборен предмет од Листа бр. 8а / 8б |
Предмет од листата на УКИМ | Предмет од листата на УКИМ | Изборен предмет од Листа бр. 3а / 3б | Изборен предмет од Листа бр. 4а / 4б | Изборен предмет од Листа бр. 5а / 5б | Изборен предмет од Листа бр. 6а / 6б | Изборен предмет од Листа бр. 7а / 7б | Изборен предмет од Листа бр. 8а / 8б |
Спорт и здравје |
Изборен модул - Македонски јазик
Листа бр. 3а | Листа бр. 4а | Листа бр. 5а | Листа бр. 6а | Листа бр. 7а | Листа бр. 8а |
---|---|---|---|---|---|
Правопис и правоговор со фонетика и фонологија на СМЈ | Морфологија на СМЈ | Зборообразување на СМЈ | Лексикологија со фразеологија на СМЈ | Синтакса на СМЈ | Лингвостилистика на СМЈ |
Старословенски јазик 1 | Старословенски јазик 2 | Дијалектологија на МЈ | Развој на македонскиот писмен јазик | Историја на МЈ (Историска граматика) | Балканска лингвистика |
Општа лингвистика | Преглед на лингвистиката | Психолингвистика | Социолингвистика | Семантика | Прагматика |
Изборен модул - Француски јазик и книжевност
Листа бр. 3а | Листа бр. 4а | Листа бр. 5а | Листа бр. 6а | Листа бр. 7а | Листа бр. 8а |
---|---|---|---|---|---|
Француски јазик 1 | Француски јазик 2 | Француски јазик 3 | Француски јазик 4 | Француски јазик 5 | Француски јазик 6 |
Граматика на францускиот јазик 1 | Граматика на францускиот јазик 2 | Граматика на францускиот јазик 3 | Граматика на францускиот јазик 4 | Граматика на францускиот јазик 5 | Граматика на францускиот јазик 6 |
Француска книжевност 1 | Француска книжевност 2 | Француска книжевност 3 | Француска книжевност 4 | Француска книжевност 5 | Француска книжевност 6 |
Постдипломски студии
Во долните табели се дадени предметите што може да се изучуваат на вториот циклус студии од студиската програма по
Класична филологија, византологија и микенологија
Библиотека
Библиотеката на Институтот е една од најстарите и, бездруго, најбогатата библиотека на Филозофскиот факултет во Скопје. Опфаќа повеќе од 40.000 наслови: оригинални текстови на старогрчки и латински јазик (во бројни познати едиции: Loeb Classical Library, Bibliotheca Teubneriana и др.), книги од областа на класичната филологија (со голем број речници, лексикони и енциклопедии, меѓу кои и ретки наслови како Pauly-Wissowa енциклопедија) и науките сродни на неа. Преку постојаната размена на списанието Жива Антика во библиотеката секојдневно се слеваат голем број периодочни списанија, од кои добар дел не може да се најде никаде во нашето опкружување. Во просториите на семинарот се наоѓа и колекцијата книги - заоставштина на професорот Михаил Д. Петрушевски. Работното време на библиотеката во текот на делничните денови е од 08:15h до 15:30h (пауза 10:00h-10:30h).
Денешни наставници и соработници
- Весна Томовска, редовен професор
- Весна Димовска, редовен професор
- Валериј Софрониевски, редовен професор
- Елена Џукеска, редовен професор
- Ратко Дуев, редовен професор
- Светлана Кочовска, вонреден професор
Наводи
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 102
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 102-3
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 104-5
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 105
- ↑ Темков, К. et al. (2006), стр. 105-6
- ↑ Старогрчко-македонски речник
- ↑ Форум, 27.08.2009
- ↑ Курир, 14.10.2011
- ↑ Поранешни Уредници
- ↑ Поранешни Уредници
- ↑ Љубинка Басотова наградена за преведувачки опус
- ↑ Доделени наградите „11 Октомври“
- ↑ Официјален портал на Град Скопје - Добитници на наградата „13 Ноември“
- ↑ Врачена државната награда „Свети Климент Охридски“ за 2009 година
- ↑ Прирачник за студенти на ИКС, 2018, стр. 14-19, 117-124, 183-190
Библиографија
- Темков, К. et al. (2006). Филозофски факултет во Скопје: 1920-1946-2006, Филозофски факултет, ISBN 9989-934-65-7
- Прирачник за студенти (прв циклус студии) - Институт за класични студии (2013), Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, Филозофски факултет
Надворешни врски
- Институт за класични студии
- Systasis - Списание на задружението на класични филолози „Антика“
- ТА ГРАММАТА - Академски информативен портал за курсевите по грчки јазик
- АНТИКА - Здружение на класични филолози
- ЖИВА АНТИКА / ANTIQUITÉ VIVANTE - Меѓународно списание за антички студии
- Lexicon Latino-Macedonicum
- Lexicon Graeco-Macedonicum
|