Прејди на содржината

Блумова таксономија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Блумова таксономија е група од три хиерархиски изградени модели кои се користат за класифицирање на воспитно-образовните цели по нивоа на сложеност и специфичност. Трите модели од Блумовата таксономија ги опфаќаат воспитно-образовните цели во спознајното, афективното и психомоторното подрачје. Моделот на спознајното подрачје е во центарот на традиционалната настава и често се користи при составувањето на наставните планови, односно при дефинирањето на воспитно-образовните цели, осмислувањето на проверката на постигањата на учениците и активностите во наставата.

Моделите се именувани по Бенџамин Блум, кој бил на чело на комитетот од педагози кои ја создале оваа таксономија. Тој исто така го уредувал и првиот том од стандардниот текст на Таксономија на воспитно-образовните цели: Класификација на воспитно-образовните цели.

Спознајно подрачје

Во првичната верзија на таксономијата, спознајното (или когнитивно) подрачје е расчленето на шест нивоа на воспитно-образовни цели. Во ревидираната Блумова таксономија од 2001, нивоата се нешто поразлични: запомни, разбери, примени, анализирај, евалуирај, создади (наместо синтетизирај).

Знаење

Знаењето вклучува препознавање или помнење на факти, поими, основни концепти, или одговори чие значење може, но и не мора да биде разбрано од тој што го поседува знаењето. Неговите карактеристики може да вклучуваат:

  • Знаење за специфичностите — поими, поединечни факти;
  • Знаење за начините и средствата за справување со специфичностите — конвенции, стремежи и последователности, класификации и категории, критериуми и методологии;
  • Знаење за универзалностите и апстракциите во одредено поле — принципи и генерализации, теории и структури.

На пример: Именувај три чести сорти на јаболка.

Разбирање

Разбирањето вклучува демонстрирање и сфаќање на факти и идеи по пат на организирање, споредување, преведување, интерпретирање, давање на описи и искажување на главните поенти.

На пример: Спореди ги препознавачките карактеристики на јаболката „Златен делишес“ и „Грени Смит“.

Примена

Примената вклучува користење на стекнатото знаење — решавање на проблеми или задачи во нови ситуации со примена на стекнатото знаење, факти, техники и правила. Учениците треба да можат да го користат претходно стекнатото знаење во решавањето на проблеми, да ги препознаваат врските и односите и како тие се применуваат во нови ситуации.

На пример: Дали јаболката би можеле да спречат појава на скорбут, заболување предизвикано од недостаток на витаминот С?

Анализа

Анализата опфаќа испитување и расчленување на информацијата на составните делови, одредување во каков однос се деловите меѓусебно, препознавање на мотиви или причини, изведување на заклучоци и изнаоѓање на докази за да се поддржат генерализациите. Карактеристично е:

  • Анализа на елементи;
  • Анализа на односи;
  • Анализа на организација.

На пример: Наведи четири начини на подготовка на храна од јаболка и објасни кои од нив се со најголеми здравствени придобивки. Дадете референци за да ги поткрепите вашите тврдења.

Синтеза

Синтезата опфаќа изградба на структура или закономерност од различни елементи. Исто така се однесува на актот на собирање на деловите за да се формира целина. Карактеристично за синтезата е:

  • Разработка на единствен (уникатен) начин на комуникација;
  • Разработка на план, или предложена групација од дејства;
  • Изведување на групација од апстрактни односи.

На пример: Претвори го „нездравиот“ рецепт за пита од јаболка во „здрав“ рецепт со тоа што ќе го промениш твојот избор на состојки. Објасни ги здравствените придобивки од користењето на состојките кои ги избра наспроти првично избраните состојки.

Евалуација

Евалуацијата подразбира презентирање и бранење на мислења со донесување суд за одредена информација, веродостојноста на идеите или квалитетот на работење со помош на група од критериуми. Карактеристики:

  • Суд во смисла на внатрешни (интерни) докази;
  • Суд во смисла на надворешни (екстерни) критериуми.

На пример: Кои сорти на јаболка се најдобри за правење пита и зошто?

Афективно подрачје

Вештините и способностите во афективното подрачје го опишуваат начинот на кој луѓето емотивно реагираат, како и возможноста тие да ја почувствуваат болката или радоста на другите живи суштества. Афективните цели обично се насочени кон свесноста и развитокот на ставовите, емоциите и чувствата.

Постојат пет нивоа во афективното подрачје кои поаѓаат од процесите од најнизок ред па сè до оние од повисок ред.

Восприемање

Најниско ниво; ученикот на пасивен начин обрнува внимание. Без ова ниво не може да има учење. Восприемањето се однесува на паметењето на ученикот, но исто така и на препознавањето.

Реагирање

Ученикот активно учествува во процесот на учење, не само со забележување на одредена дразба, туку тој и на некаков начин реагира на истата.

Вреднување

Ученикот придава вредност на одреден предмет, феномен или информација. Ученикот ја поврзува вредноста или некои вредности со знаењето со кое се стекнал.

Организирање

Ученикот може да ги собере заедно различните вредности, информации и идеи, и може да ги приспособи во својата сопствена шема; ученикот го споредува, поврзува и го елаборира она што се учело во училиште.

Карактеризирање

Ученикот на ова ниво се обидува да изгради апстрактно знаење.

Психомоторно подрачје

Вештините и способностите во психомоторното подрачје ја опишуваат можноста физички да се манипулира со алат или инструмент. Психомоторните воспитно-образовни цели се насочени кон промена и/или развиток на однесувањето и/или вештините, односно способностите.

Блум и неговите колеги никогаш не создале подкатегории за вештините во психомоторното подрачје, но други педагози создале свои психомоторни таксономии.