Прејди на содржината

Македонска архитектура во XIX век

Од Википедија — слободната енциклопедија

[[]]Македонската архитектура во 19 век

Општествено - социјални услови

Во овој период, македонските градови со своите статични структури полека се менува. Истиот, како резултат на повеќевековното отоманско владеење, кој претходно бил населен претежно со муслиманско население, доживува интензивно населување на македонското население од периферијата кон центарот на градскиот живот. Со отварањето на селото кон градот се разбиваат не само рамките на локалното стопанство, туку во исто време и рамките на локалната свест. Со трансформацијата на приградското население во градско, едни занимања исчезнуваат, други се појавуваат и со тоа се менува односот кон моралот и убавото.

Архитектонски стилови

Класицизам и неокласицизам

Во почетокот и средината на 19 век во Македонија, во архитектонските реализации се присутни современи влијанија од Запад со класицистички и други стилски изрази – неоренесанса и необарок, во допир со локалните градителски традиции. Станбената архитектура претставува значајна компонента во архитектурата од времето на турското владеење. Профаната архитектура главно е во дрвена-бондрук конструкција, со богата содржина, архитектонска и декоративна обработка. Особено се истакнувале станбените куќи и конаците на богатите паши и бегови. Декорацијата е вткаена во ткивото како на објектите од профан карактер , така и на објектите од сакрален карактер. Посебно внимание е посветено на обработката на дрвото со резба, што доаѓа до израз во ентериерот на македонските цркви, додека рељефната пластика изведена од мермер со богата декорација е особено застапена и во склоп на исламските сакрални објекти.

Романтизам и реализам

Во текот на XIX век се оформува урбаната структура на градот, со што се оформени и голем број на урбани квартови во македонските градови, со карактеристична народна архитектура со висок стандард и функција. Архитектонската активност е присутна скоро во сите градови на Македонија. Карактеристични примери на ваков тип на стилска архитектура во 19 век во Македонија во поголема мера е присутна во Битола, како центар на пашалук, каде што се изградени поголем број објекти за конзуларните претставништва, на европските држави. Оваа типологија се карактеризира во стил на мирен романтизам, под влијание на архитектурата од западна Европа и посебно на онаа од Трст и Виена. Во овој период се градат голем број цркви, кои најчесто имаат решенија на трикорабна базилика со галерија на катот и тремови во приземјето. Како основен, градежен материјал се употребуваат каменот и дрвото. Архитектонската декорација е изразена во сводовите и куполите кои се изведени од дрвена конструкција најчесто живописно декорирани. Просторната пластика на црквата е разиграна, особено на петтата фасада, каде се истакнуваат надвишените кораби и куполите.

Архитектонски реализации

Значаен сегмент од развојот на архитектурата во Македонија во периодот на втората половина на 19 век до 1919 година, претставува обемниот корпус на објекти, на кои се доминантни различни европски архитектонско-стилски влијанија.

Од профаната архитектура може да се набројат:

-гимназија ‘’Идадие’’ (денешна гимназија ‘’Јосип Броз Тито’’) – се наоѓа на реката Драгор во Битола, дограден е во 1892 година, а во периодот од 1896 до 1912 година работи како полна гимназија со настава на турски јазик. Северната фасада има смирен и класичен третман во ритамот на катовите како и на профилацијата на отворите. Најкарактеристична е јужната фасада, која е синтеза на барокни и ренесансни елементи. Исто така се забележува и влијание на италијанска ренесансна архитектура. Ова произлегува од желбата на актуелната турска администрација за припаѓање кон европскиот културен контекст, што е оправдување за ‘’еклектичноста’’ во одбирот на декоративните елементи кои се употребени за дефинирање на изгледот на фасадите.

-станбен објект на ул. ‘’С. Лумбарковски’’. Начинот на кој се компонирани и моделирани основните фасадни елементи е причина за условната ‘’ренесансна’’ архитектура на овој објект.Приземјето е во рустичен стил, што придонесува катот да изгледа доста транспарентен и лесен. Карактеристичен елемент е тремот наткриен со балкон , кој подоцна по периодот меѓу двете светски војни ќе стане карактеристика на специфичен и препознатлив тип на куќа.

Препознатливиот архитектонски стил на градска куќа во овој период исто така може да се препознае и во други градови, како Крушево, кадешто еден од повеќето примери е куќата на Важарови, во Велес куќата на Касапови, куќата на Робевци во Охрид која е едeн од најрепрезентативните објекти на градската архитектура во Македонија, дело на охридската резбарска школа.

Од сакралната архитектура можат да се набројат:

-црква во манастир св. Јоаким Осоговски, значаен пример од сакралната архитектура на овој период. Иизградена од Андреја Дамјанов, се наоѓа во склоп на манастирот на оддалеченост 5км од Крива Паланка. Изградена е во периодот од 1847 до 1851 година. Црквата претставува не многу издолжен правоаголник поделен на три надолжни сегменти, формирани со два реда столбови, по 3 во секој. Покривањето е со 12 куполи, и нивниот распоред кај овој објект е уникатен, односно Дамјанов го нема применето истиот принцип кај друг објект.

-св. Богородица во штипско Ново Село – уште еден маркантен пример од сакралната архитектура на Андреја Дамјанов. Се наоѓа во штипско Ново Село, изградбата е започната во 1836 година, а завршена во 1850. Според некои извори, таа е обновена во 1850 година. Црквата е трикорабна базилика со тремови од три страни. Новитет кај оваа црква е различното расчленување на покривната конструкција , којашто е трикратно степенувана. Истата кај галериите е пониско спуштена, и средниот дел е вдливо нагласен како симбол на христијанската црква.

-св. Никола во Штип, овој објект е изграден од страна на Ѓорѓи Новаков Џонгар во 1867 година.


Македонски градители во 19 век

Богата градителска програма во Македонија за време на 19 век е исполнета благодарејќи на голем број мајстори градители. Овие градители најчесто се здружени во мајсторски тајфи кои придонесле за целосно подигање на објектите и нивно внатрешно уредување. Ваквите групации ќе го интензивираат развојот на одредени гранки и занаети кои ќе бидат доведени на ниво на вистинска уметност : резба, столарство, изработка на мебел, железарство, сликарство и архитектура. Во овој период се развиваат и локалните градителски школи: Дебарска, Велешка, Кривопаланечка и др. кои создаваат нова естетика по пат на синтетизирање со применетите уметности.

Градителски лози и семејства

Најпозната лоза на градителски семејства од Тресонче е лозата на Рензовци и Зографци. Од оваа лоза во 19век во Македонија твореле: Браќата Дамјанови, од кои најплоден македонски градител на 19 век е Андреа Дамјанов. Неговата сфера на творештво главно била насочена кон сакралната архитектура, но исто така проектирал и објекти од профана архитектура. Понатаму од Тресонче потекнува и лозата на семејството Зографовци, од кои во 19 век твореле Дичо Зограф, неговиот син Аврам Дичов и внук Крсто Аврамов. Лозата на семејството Станишеви во периодот на 19 век ја сочинуваат браќата Димитар и Антон Станишеви. Од селото Тресонче потекнуваат уште неколку родови мајстори и тоа: -Лозата на семејствотот Џонгар; Ангелкови; Јуруковци; Бошковци и многу други.

Од Смилево потекнуваат Смилевските мијаци, кои иако самоуки тие биле познати архитекти, инженери, градители и раководители. Најпознатиот род на градители од селотот Смилево било семејството Дарковци ( Ѓорѓи Дарковски и синовите Петре и Илија Дарковски ). Други познати градителски семејства од овој регион се: Семејството Трошевци, Семејството Игуменовци, Кочовци, Трампевци и др.

Од село Гари бил познат родот Огњановци кои биле признати мајстори градители и резбари, додека мајсторите од Галичник, Лазарополе и Осој претежно се занимавале со зографство и резбарство.

Наводи

Никос Чаусидис (1995) Македонија културно наследство Скопје: Мисла;

Кокан Грчев (2003) Архитектонските стилови, Скопје: Институт за Фолклор Марко Цепенков Скопје;

Георги Костантиновски (2001) Градителите во Македонија, Скопје: Табернакул;

Јасмина Хаџиева Алексиевска, Елизабета Касапова (2001) Андреја Дамјанов, Скопје: Министерство за култура;

Надворешни врски